Како функционираат тајни друштва?

Покрај класичните форми на здружување, постојат и дополнителни форми на друштва, кои всушност не се трговски друштва според форма, а  кои дејствуваат на пазарот со цел остварување на профит. Една од нив е токму тајното друштво

 

Тајното друштво е дискретна форма за реализација на деловни потфати, и најчесто го користат лица кои од најразлични финансиски или лични мотиви, сакаат да соработуваат со други претпријатија и истите да ги финансираат, без да се изложуваат во јавноста.

Според одредбите на Законот за трговски друштва, тајното друштво настанува со договор, со кој тајниот содружник вложува паричен или непаричен влог во имотот на друштвото на друго лице, кое е јавен содружник. На таков начин тие стекнуваат право да учествуваат во добивката како и во загубата на друштвото.

Тајното друштво нема правен субјективитет. Тоа значи дека ова друштво не се регистрира во трговскиот регистар, нема седиште, нема фирма и постои само за внатрешна употреба, само во односите меѓу тајниот содружник и јавниот содружник. Како последица на тоа, јавниот содружник е тој кој настапува во односите со трети лица, тој го управува друштвото и тој е исклучителен носител на сите права и обврски од работењето. Третите лица го познаваат само јавниот содружник, и во односите со нив формално учествува само јавното друштво. Затоа еден од условите за постоење и функционирање на ова друштво како тајно е името на тајниот содружник да не се спомнува никаде во фирмата на јавниот содружник, бидејќи, во спротивно, тајниот содружник ќе им одговара на доверителите на јавниот содружник за обврските на друштвото, неограничено и солидарно со него. Единствен исклучок од принципот на тајност е пријавување на ова друштво кај даночниот орган и тоа само заради исполнување на обврските кои произлегуваат од неговото работење.

Основно начело кое доминира во односите меѓу тајните содружници, е начелото на диспозиција на страните, и како резултат на тоа постои голема еластичност во работењето на друштвото. Имено, целите на тајното друштво и целокупните услови на работење, се уредуваат спогодбено меѓу содружниците, и тоа со договор за уредување на односите.

Што се однесува, пак, на односите меѓу тајниот и јавниот содружник, Законот за трговски друштва ги уредува ситуациите кои се однесуваат на влоговите, добивката и загубата, како и правото на увид во книгите и списите. Имено, влогот на тајниот содружник влегува во имотот на јавното друштво, а понатаму тајниот содружник не е должен да го дополнува или зголемува доколку истиот биде намален поради загуба во работењето. Тајниот содружник одговара во покривањето на загубата на друштвото само до износот на својот влог, а неговата добивка се пресметува и се исплаќа на крајот на секоја деловна година.

Иако тајниот содружник не учествува во односите со трети лица, сепак, тој има законско право, кое не може да биде ограничено или исклучено со договор, да бара од јавниот содружник увид и препис од годишните книги и останатите списи од работењето на јавното друштво. Доколку јавниот содружник го ограничува или спречува тајниот содружник во остварување на своето право, тој може да бара од судот, во вонпроцесна постапка, да му овозможи остварување на тоа право.

Тајното друштво може да престане по сила на закон или со спогодба меѓу јавниот и тајниот содружник. По сила на закон престанува со истек на времето за кое е склучен договорот, смрт или престанок на работа на јавниот содружник, со смртта на таен содружник освен ако со договорот поинаку не е договорено, со остварување на целите заради кои е склучен договорот или доколку нивното остварување стане невозможно, како и со отворање на стечајна постапка над друштвото на јавниот содружник или тајниот содружник.

Related Posts

Scroll Up