Агенција за катастар на недвижности: поим, надлежности и принципи на работа

Агенцијата за катастар на недвижности (АКН), како правен следбеник на поранешниот Државен завод за геодетски работи, има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со Законот за катастар на недвижности. Примарната цел за основањето на АКН се рефлектира во нејзините главни задачи: вршење на работите на востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, управувањето со геодетско-катастарскиот информациски систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторни податоци.

Агенцијата за катастар на недвижности има бројни надлежности:

  • управување со ГКИС (Геодетско-катастарски информационен систем);
  • вршење основни геодетски работи;
  • вршење премер на недвижностите;
  • вршење премер и одржување на државната граница;
  • вршење геодетски работи за посебни намени;
  • востановување и одржување на катастарот на недвижности;
  • вршење масовна процена на недвижностите запишани во катастарот на недвижности;
  • воспоставување и управување со Графичкиот регистар за градежното земјиште;
  • изготвување на топографски карти;
  • водење Регистар за просторни единици;
  • водење Графички регистар за улици и куќни броеви;
  • водење регистар на цени и закупнини;
  • воспоставување, одржување и овозможување јавен пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци согласно посебен закон и
  • вршење надзор на работењето на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи.

Дополнително, во делокругот на надлежностите на АКН, влегува и издавањето на следните податоци:

  • имотен лист;
  • имотен лист за инфраструктурни објекти;
  • лист за предбележување на градба;
  • лист за предбележување на инфраструктурен објект;
  • евидентен лист;
  • евидентен лист за инфраструктурни објекти;
  • уверение за историски преглед на извршените запишувања;
  • уверението за историски преглед на извршените запишувања на вредноста на недвижностите;
  • уверение дека лицето не е запишано во катастарот на недвижностите;
  • список на индикации за катастарски парцели;
  • копии од збирката на исправи;
  • извод од катастарски план;
  • извод од план на инфраструктурни објекти;
  • податоци за вредноста на недвижноста и
  • други податоци кои произлегуваат од катастарот на недвижностите.

АКН, во процесот на своето дејствување, применува низа принципи, кои Законот за катастар на недвижности такстативно ги набројува:  законитост, стручност, ефикасност, транспарентност, сервисна ориентација, професионалност и одговорност за работењето и постигнатите резултати.

Related Posts

Scroll Up