Акционерско друштво

Акционерското друштво, како форма на трговско друштво, своите почетоци ги бележи во периодот на колонијализмот и индустриската револуција, при што неговиот настанок е спонтан, без претходно да бидат донесени одделни прописи кои би ги регулирале неговите карактеристики. Од друга страна, настанувањето на акционерското друштво во Македонија се должи на приватизацијата на општествениот капитал и трансформацијата на претпријатијата со општествен капитал.

Во својата суштина, акционерското друштво претставува трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, која е поделена на акции.

Основните карактеристики на акционерското друштво можат да поимствено да се преточат во следните точки:

  1. Акционерското друштво се смета за трговско друштво согласно Законот за трговски друштва и е правно лице со општа правна способност и со корпоративно управување;
  2. Акционерското друштво е друштво на капиталот;
  3. Акционерите учествуваат со влогови во создавањето на основната главнина;
  4. Основната главнина на акционерското друштво е поделена на акции;
  5. Акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво кон доверителите.

 

Акционерското друштво може да се основа симултано или сукцесивно, при што се донесува Статут како најважен општ акт на друштвото и друга пропратна документација и основањето на друштвото се запишува во трговскиот регистар.

Акционерското друштво бележи одредени специфичности во поглед на неговата основна главнина. Законот за трговски друштва изрично го пропишува нејзиниот минимален износ во зависност од видот на основањето. Така, кога акционерското друштво се основа симултано без јавен повик за запишување акции, минималниот износ на основната главнина е 25.000€, додека кога друштвото се основа сукцесивно со јавен повика за запишување акции, најмалиот износ на основата главнина изнесува 50.000€.

Основен елемент на основната главнина на акционерското друштво се акциите од кои истата е составена. Акцијата претставува хартија од вредност во која е претставен дел од основната главнина и во која се отелотворени правата на акционерот, кој како сопственик на акцијата не е доверител на друштвото ниту сопственик на дел од имотот на друштвото.

Акцијата може да се набљудува и преку нејзините значења:

  1. Акција како хартија од вредност во која е претставен дел од основната главнина;
  2. Хартија како хартија од вредност;
  3. Акцијата како хартија од вредност во која се изразува членството во акционерското друштво;

 

Акциите се делат на родови и класи, а основните права кои акциите ги даваат можат да се супсимираат во следното:

  1. Право на глас во собранието на акционерското друштво;
  2. Право на исплата на дел од добивката (дивиденда);
  3. Право на исплата на дел од остатокот од ликвидационата или стечајната маса.

 

Кога се анализира акционерското друштво, неизбежно е да се посвети внимание на акционерите. Својството на акционер во акционерско друштво се стекнува со стекнувањето на акции во друштвото. Уште повеќе, постојат два начини на кои може да се стекне својство на акционер: изворно (при основање на акционерското друштво и при зголемување на основната главнина) и изведено (во ситуации на правно следбеништво на акционерите). Основната обврска на акционерите е изразена во фактот дека тие мора да го платат номиналниот износ на акциите кои ги стекнуваат, додека нивното основно право се препознава во учеството во добивката на друштвото.

 

Related Posts

Scroll Up