Белези на трговските друштва

Трговските друштва кои настапуваат во правниот промет огромно внимание посветуваат на градење препознатливост кај клиентите и потрошувачите, со цел полесно стекнување на нивната лојалност и доверба. Дополнително, за третите лица кои се грижат за сигурноста на правните односи во кои влегуваат, од значење е индивидуализацијата и лесната идентификација на друштвата.

Овие две точки најлесно се остваруваат преку постоењето на одредени белези на трговските друштва, кои истовремено се и нивни елементи за индентификација.

Формата на друштвото е еден од првичните идентификатори, бидејќи таа го одредува неговиот целокупен статус. Формите на трговски друштва кои ги пропишува Законот за трговски друштва се:

  • Јавно трговско друштво;
  • Командитно друштво;
  • Друштво со ограничена одговорност;
  • Акционерско друштво;
  • Командитно друштво со акции;

Фирмата на друштвото е можеби најважниот идентификаторски елемент на трговското друштво. Во својата суштина, фирмата претставува името под кое друштвото работи и учествува во правниот промет и таа се запишува во трговскиот регистар и содржи вистинити податоци.

Основачите на друштвото имаат комплетна слобода во определувањето на фирмата, доколку ги почитуваат законските правила за нејзината содржина, која се состои од:

  • Предметот на работење;
  • Седиштето;
  • Формата;
  • Додатоци (цртежи, слики, симболи, ознаки).

Истата фирма се користи за истапување во прометот на секој дел од трговското друштво, но дозволено е деловите на трговските друштва да додаваат ознаки на фирмата со цел да се дистингвираат меѓусебно. Доколку друштвото работи и преку подружница, таа подружница работи под фирмата на друштвото, но се наведува нејзиното седиште и се додава зборот „подружница“.

Постојат некои елементи кои не е допуштено да се содржани во фирмата. Така, недопуштени состојки се имиња, знамиња, грбови или други државни амблеми на држави или меѓународни организации без нивна дозвола, службени знаци на контрола и гаранција на квалитет, зборови кои создаваат привид и мешање со фирми на други субјекти.

Седиштето на трговското друштво е следниот белег кој служи за негово индивидуализирање. За седиште на друштвото се смета местото кое е запишано во трговскиот регистар и тоа претставува центар каде се одвива правниот живот на друштвото, се обединуваат органите на управување и раководење и каде се чуваат сите документи на друштвото.

Предметот на работење како идентификационен елемент претставува отелотворување на слбодата на вршење дејност и трговското друштво може да ги врши сите дејности кои не се забранети со закон, освен оние кои можат да се вршат само врз основа на согласност, дозвола или друг акт на државен орган или друг надлежен орган. Предметот на работење на друштвото се запишува во трговскиот регистар.

 

Blog Attachment
  • sediste

Related Posts

Scroll Up