Бизнис планот како предуслов за успешен бизнис

Зошто Ви е потребен бизнис план? Што треба да содржи? Дали да гo направите сами или да побарате стручна помош? На сите овие прашања одговорите ги дава стручниот тим на Consulting Inter Group

 

logo-penka

Тајната на успехот на секој претприемач лежи во квалитетот, подобноста и истрајноста на неговите бизнис идеи. Квалитетот на идејата најдобар израз добива по нејзиното разработување и по отпочнување на самиот бизнис. Подобноста на идејата своето суштествување го остварува преку истражување на пазарот и неговите потреби, со цел да се предвиди колку бизнис идејата е корисна и во можност да излезе во пресрет на тие потреби.

Истрајноста на бизнис идејата и понатамошни доразработки и подобрувања се предуслов не само за отпочнување, туку и за развој на еден бизнис. Сите овие елементи најдобро се изразуваат во бизнис планот на компаниите.

 

Што е бизнис план?

Бизнис планот е најкорисна алатка која на претприемачите и на компаниите им стои на располагање. Тој е поделен на неколку структурни делови, кои кога ќе се разработат поединечно, даваат конкретна слика за предизвиците со кои бизнисот може да се соочи, но и изразуваат начин како тие да се надминат за бизнисот да ги оствари зацртаните цели.

Пред се, се наведуваат мисијата, визијата и краткорочните и долгорочните цели на бизнисот, кои треба да бидат водилка во работењето. Кога истите ќе бидат ставени на хартија, добиваат поголема длабочиина и веродостојност. На почетокот на бизнис планот се прави извршно резиме, во кое сумарно и накратко се наведуваат сите главни елементи: суштината на бизнис производот, околностите на пазарот на кој ќе конкурира, тимот кој ќе работи, предвидувања за приходите и расходите, фактори и претпоставки кои се смета дека ќе придонесат кон успехот на бизнисот. Овој дел иако краток, е исклучително важен бидејќи дава слика за поентата на постоењето на бизнисот.

Во следните делови се наведува подетална анализа на карактерот на производот или услугата кои ќе се нудат, но и на пазарот на кој ќе се конкурира. Во однос на производот, се наведуваат неговите карактеристики, како и процесот на производство, а во однос на услугата, се опишува начинот на нејзино обезбедување и пласирање на потрошувачите. Кога станува збор за пазарот, се анализира моменталната состојба, конкуренцијата, како бизнисот може да придонесе кон негово развивање и напредок, дали бизнисот може да се вклопи во него и дали ќе биде прифатен од страна на потрошувачите, како во иднина ќе фунционира и опстојува, како и на кои ризиците подлежи бизнисот.

Особено важен аспект е анализата на конкуренцијата, нејзината поставеност и репутација на пазарот. Се изложуваат предностите на бизнисот во однос на неа, но се посветува внимание и на слабостите, а особено на идеите како тие да се надминат во иднина.

make a plan (600x399)

Корисна алатка во овој дел е SWOT анализата (Strengths, Weaknesses, Opportunities, Threats), која на најпрегледен начин ги обработува сите овие прашања.

Во склоп на бизнис планот се изготвува и маркетинг план, како проекција на идеите за промовирање на бизнисот и зголемување на неговата видливост во очите на потрошувачите, како и оперативен план, во кој се опишуваат производствените процеси, просторот во кој ќе се функционира, како и организационата структура на персоналот.

Конечно, покрај образложувањето на идните планови за бизнисот, се прави и финансиска проекција, каде преку табели и дијаграми, прегледно се прикажуваат движечките трендови во однос на трошоците, но и приходите кои се очекува да се остварат со текот на работењето.

Сите овие елементи сведочат за незаменливоста на бизнис планот. Иако неговата изработка бара интелектуален напор и време, истиот е голем фактор за успехот на еден бизнис, бидејќи служи за оживотворување на идеите и мотивација за остварување на целите. Дополнително, има и практична корисност, бидејќи ги прикажува на јасен начин сите точки на кои треба да се стави фокусот при работењето и на кои треба да се посвети внимание со цел постигнување напредок.

Бизнис планот е предуслов за успехот на секоја компанија. Затоа, тој треба да биде изработен квалитетно и детално, а на ова поле, правните консултанти имаат огромно искуство и можат на најефикасен начин да ги срочат бизнис идеите во форма на бизнис план.

Blog Attachment
  • investment-manager-work-process-photo-business-woman-touchig-modern-tablet-screen-report-statistics-graphic-screen-banker-signs-document-new-startup-marketing-plans-horizontal-bokeh-and-film-effects

Related Posts

Scroll Up