Consulting Inter Group: Медијацијата е ефикасен начин за решавање спорови

Под поимот медијација се подведува секој вид посредување при решавање на еден спорен однос во соодветна постапка за медијација. Детали за медијацијата ви нуди Consulting Inter Group

Во време на брзо функционирање на пазарот и секојдневно стапување во најразновидни односи, во случај на настанување спор меѓу две страни се наметнува потреба од брзо и ефикасно разрешување на проблемот со цел засегнатите субјекти на најоптимален начин да го надминат и да се вратат на патеката на своето нормално работење. Еден од начините за брзо разрешување на споровите, со посебен акцент на оние кои се од имотноправна, семејна, работна, трговска, потрошувачка природа или спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина или во врска со дискриминација е медијацијата.

Согласно Законот за медијација, под поимот медијација се подведува секој вид посредување при решавање на еден спорен однос во соодветна постапка за медијација, при што на страните им се овозможува истиот да го решат по пат на преговарање, на мирен начин и со помош на лиценциран медијатор, а со цел да се дојде до фаза на потпишување писмена спогодба во која ќе биде изразено заедничко прифатливо решение.

Медијацијата во Македонија започнува да чекори на сигурни нозе и се повеќе субјекти се одлучуваат да се впуштат во една ваква алтернативна постапка. Овој факт се должи на бројните предности кои медијацијата ги нуди наспроти многу поформалната судска постапка. Основната предност се забележува при запознавањето со начелата на кои почива постапката за медијација: еднаквост и рамноправност на страните, правичност, доброволност и доверливост, неутралност, ефикасност, економичност.

Доколку ја погледнеме формата во која постапката се спроведува, се забележува дека таа е неформална во голем број од нејзините аспекти, со исклучок на неопходност од строго писмена согласност од страните за нејзино отпочнување, освен кога станува збор за започнување на постапка за медијација како услов за водење судска или друга постапка.

Еднаквоста и рамноправноста на страните најмногу доаѓа до израз во рамноправната позиција од која тие настапуваат, без да се земат предвид некои нивни предквалификатори како на пример потеклото, полот, возраста, професијата или слично.

Доверливоста е многу значаен сегмент на постапката за медијација, затоа што во неа учествуваат исклучиво лица за кои двете договорни страни се согласни, исклучена е јавноста, а медијаторот сите добиени информации е должен да ги третира како тајна.

Неутралноста на медијаторот има за цел да обезбеди еднакви шанси за страните и во секоја фаза од постапката медијаторот мора да се однесува непристрасно кон секоја од засегнатите страни.

Ефикасноста и економичноста се можеби најсилни адути на постапката за медијација. Постапката за медијација трае максимално 60 дена во кои има застој на рокот за застареност на побарувањето кое е предмет на спорен однос. Меѓутоа, практиката покажува дека споровите преку медијација имаат тенденција да се решаваат за значително пократко време дури и од оваа временска рамка. Понатаму, трошоците се значително пониски доколку се споредат со оние кои се неопходни за судска постапка. Примерно: исклучени се трошоците за судска такса, адвокат или вешто лице. Во одедени ситуации, медијацијата дури може да биде и бесплатна.

Голема предност на медијацијата која произлегува од нејзината неформалност, е можноста страните индивидуално да ги одредат термините на средбите, со што се постигнува максимална корисност за сите засегнати, а се исклучува стресот кој би произлегол од присуство на судските рочишта доколку би се водела судска парница.

Конечно, спогодбата која ќе биде постигната страните имаат можност да ја солемнизираат на нотар по што таа ќе стане и извршна исправа.

Ваквиот сумарен преглед на најосновните карактеристики и предности на медијацијата како постапка за алтернативно решавање на споровите е само почеток на темата. Медијацијата допрва ќе се актуелизира и популаризира, поради што, следејќи ги напредните трендови во разрешување на спорни односи, се поттикнуваат сите субјекти да ја разгледаат како една од опциите кои им стојат на располагање и да ги искористат предностите кои таа ги нуди.

Blog Attachment
  • mediation

Related Posts

Scroll Up