Дали изборот на професијата сам по себе нé прави добри и хумани луѓе?

Колку субјективноста на стандардот за добрина и хуманост може да се преточи во објективното поимување на одредена професија, или уште попрецизно, дали определбата за одредена професија која се доживува како хумана, прејудицира и дека човекот како нејзин вршител во себе ја носи истата карактеристика?

Одговорот е поливалентен.

Некои луѓе умеат како две парчиња од сложувалка да ги склопат своите лични афинитети и предиспозиции со барањата и карактеристиките на избраната професија, за конечно во неа да го претопат своето внатрешно „јас“.

Но, многу често се случува изборот на професијата да претставува само надворешна фасада изработена од лош материјал, која и најлесниот дожд, најзанемарливиот предизвик и пречка можат да ја сронат. Тогаш на виделина излегува основната конструкција, внатрешното суштество, кое доколку не е затемелено на убави основи, ќе се сруши како кула од карти.

И тука се наѕира и прашањето дали вреди вистинското „јас“ да се крие зад измислени перфекции. Ликот во огледалото да биде само блед одраз на она што се носи длабоко во себе; во јавноста да се проектира добрина и хуманост, храбро носење со избраната професија, а зад очилата за сонце да се крие исплашен поглед преполн со дилеми и несигурности.

Едно е сигурно на крајот на денот. Само со искреност пред себе можеме мирно да спиеме, да го достигнеме идеалот во кој се претставуваме, за со самоувереност да можеме да се носиме и со личниот живот и со професијата.

 

 

 

Blog Attachment
  • dsc_0086ok-2

Related Posts

Scroll Up