Данок за наследство и подарок

1.Што е предмет на оданочување?

Данок на наследство и подарок се плаќа на недвижниот имот и право на плодоуживање и користење на недвижниот имот, кои наследниците односно примателите на подароци ги наследуваат, односно примаат врз основа на Законот за наследување, односно договорот за подарок. Тој се плаќа и на готови пари, парични побарувања, хартии од вредност и друг подвижен имот, ако пазарната вредност на наследството, односно договорот за подарок е повисока од износот на едногодишната просечна плата во Република Македонија во претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Вредноста на сите подароци од ист вид, примени во текот на една календарска година, претставува една даночна основа. За вредноста на подароците општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје води евиденција, врз основа на која, на крајот на годината примателот на подароците може да се задолжи со данок, доколку во текот на годината прими повеќе подароци од ист вид и во висина над пропишаниот износ.

2.Кои се даночни обврзници?

Даночни обврзници на овој данок се физички или правни лица-резиденти на Република Македонија, кои наследуваат имот или примаат имот на подарок во земјата или странство, и странско физичко и правно лице-нерезидент, за недвижниот и подвижниот имот што го наследува или прима на подарок на територијата на Република Македонија. Ако наследникот што се прифатил за наследник го отстапи наследството во корист на лице кое би дошло до тоа наследство и во случај наследникот да не му го отстапил, данокот го плаќа лицето во чија сопственост преминува наследениот имот, а ако наследникот отстапи наследство на определено лице, кое не би дошло до наследство во случај наследникот да не му го отстапил, тогаш наследникот што го отстапил наследството плаќа данок на наследство, а лицето во чија корист е отстапено наследството плаќа данок на подарок.

3.Колку изнесува даночната стапка?

Висината на стапките со одлука ја утврдува советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно Законот за Градот Скопје. Даночната стапка е пропорционална и различна во зависност од наследниот ред. Наследник или примател од прв наследен ред е ослободен од плаќање  данок. За обврзник од втор наследен ред се пресметува по стапка од 2% до 3%, а за обврзник од трет наследен ред или обврзник кој не е во сродство со оставителот данокот се пресметува по стапка од 4% до 5%.

4.Колкава е даночната основа?

Основата на данокот на наследство и подарок е пазарната вредност на наследениот имот, или имот кој се прима како подарок, во момент на настанување на даночната обврска, а намалена за долговите и трошоците што го товарат имотот кој е предмет на оданочување.

5.Кој е ослободен од  плаќање  данок за наследство и подарок?

-наследникот, односно примателот на подарок од прв наследен ред;

-наследникот, односно примателот на подарок од втор наследен ред на еден наследен, односно на подарок примен стан, односно семејна станбена зграда ако со оставителот, односно давателот на подарок живеел во заедничко домаќинство најмалку една година пред смртта на оставителот, односно во моментот на приемот на подарокот, под услов тој и членовите на неговото семејство да немаат друг стан, односно станбена зграда и

-наследникот, односно примателот на подарок од втор наследен ред на кој земјоделството му е основна дејност што ќе наследи, односно прими на подарок земјоделско земјиште и економски згради, ако со оставителот, односно давателот на подарок живеел во заедничко домаќинство најмалку една година пред смртта на оставителот, односно во моментот на приемот на подарокот.

-државните органи, органите на општините, органите на општините во Градот Скопје и органите на Градот Скопје, Народната банка на Република Македонија, организациите на Црвениот крст, хуманитарните, социјалните, научните, образовните, културните установи и верски заедници за подарокот што го примиле во вид на недвижен или подвижен имот, хартии од вредност, парични средства и побарувања.

Со Законот за даноците на имот донесен во 2004 година се уредени данокот на имот, данокот за промет на недижности и за наследство и подарок.

 

Related Posts

Scroll Up