Длабинска правна анализа (Due diligence)

Терминот длабинска правна анализа (due diligence) е несомнено познат на секоја компанија која била вклучена или размислувала за вклучување во одредена значајна трансакција која би го променила нејзиниот статус и позиција.

Длабинската правна анализа во најопштата смисла на нејзиното значење може да се поимува како проверка на таргетираната компанија преку разгледување на нејзините документи и интервјуирање на релевантните личности во неа.

Особен бенефит од оваа постапка има потенцијалниот купувач или инвеститор во одредена компанија, кој на овој начин најлесно може да се запознае со реалната состојба, материјалните недостатоци и сите слаби точки кои би можеле да го загрозат градењето на стабилен и успешен бизнис.

Неопходноста на правната длабинска анализа извира од повеќе практични причини:

  1. Подобро разбирање на бизнисот: Длабинската правна анализа овозможува детална видливост на сите информации за компанијата, со цел подобро структурирање на планот за нејзино раководење или располагање со неа.
  2. Подобро вреднување на компанијата: Овој аспект е особено важен доколку длабинската анализа се прави поради продажба на компанијата и истата опфаќа преглед на бројни елементи, а примерно:
    1. Баланс на успех на компанијата;
    2. Организациони документи и важни договори;
    3. Постоечки судски парници;
    4. Осигурителни полиси во корист на компанијата;
    5. Постоечки политики за заштита на вработените;
    6. Политики на добро еколошко работење;
    7. Статус на интелектуална сопственост.
  3. Асистирана изработка на целата релевантна документација: При секоја значајна трансакција за компанијата е важно сите вклучени страни да бидат добро запознаени со реалната ситуација, со цел сите преговори да бидат со „отворени карти“ и bona fide, а изработката на релевантната документација со цел финализирање на трансакцијата да биде олеснета.
  4. Правно мислење: Често длабинската правна анализа завршува со формулирање правно мислење од страна на вклучените лица, кое мислење ги резимира сите откриени факти и дава насоки за препорачано идно однесување и постапување.

Добро воспоставена практика е спроведувањето на длабинска правна анализа како прв чекор во секоја голема трансакција, со особен нагласок на делот на статусни промени на компаниите, и тоа не без причина. Овој чекор не само што го олеснува процесот на транзиција, туку и обезбедува минимални ризици во продолжувањето на работењето на компаниите по спроведената промена. Тргнувајќи оттука, правните консултанти советуваат задолжително да побарате правна асистенција и добро спороведена длабинска правна анализа пред секоја одлука која може да ја детерминира судбината на вашата компанија.

Related Posts

Scroll Up