Договор за лиценца

Договорот за лиценца, како правен однос кој настанува со согласност на волјите на договорните страни, претставува корисен инструмент за промет на правата од интелектуална сопственост и тоа:

  • Патент;
  • Корисни модели;
  • Know how;
  • Трговска марка;
  • Индустриски дизајн;
  • Некои авторски и сродни права.

Притоа, особено е значајно да се запоми дека договорот за лиценца не може да се искористи за пренос на права од интелектуална сопственост чија правна заштита престанала поради протек на определениот временски рок, по кој тие станале предмет на јавна употреба. Исто така, доколку се утврди дека исклучителното право кое се одредува како предмет на договорот за лиценца престанало од некоја причина, примерно: неплаќање на годишни такси, договорот ќе се смета за ништовен, при што ништовноста настанува ретроактивно, а Примателот на лиценцата покрај тоа што се ослободува од обврската, се здобива со право да бара надомест на штета.

Суштината на договорот за лиценца се состои во обврската на Давателот на лиценцата на Примателот на лиценцата да му го отстапи целосно или делумно правото на искористување на горенаведените права од интелектуална сопственост на определено време, подрачје и начин, додека Примателот на лиценцата е должен за тоа да плати надомест. Во оваа определба се рефлектира и целта на договорот за лиценца: Примателот на лиценцата да стекне право да го користи правото од интелектуална сопственост, но, притоа Давателот на лиценцата останува титулар на правото за сето време на важење на договорот.

За гарантирање максимална сигурност на договорните страни, секогаш Договорот за лиценца мора да содржи конкретни определби во однос на:

  • Обемот на правото на искористување на пренесеното право од интелектуална сопственост;
  • Определување на (не)исклучителноста на лиценцата;
  • Времетраењето на лиценцата;
  • Висината на надоместокот кој Примателот на лиценцата е должен да го плаќа.

Кога станува збор за правата и обврските на договорните страни, тие се состoјат во следното:

  1. Давателот на лиценцата има обврска предметот на лиценцата заедно со пропратната документација да му ги предаде на Примателот на лиценцата во предвидениот рок, да обезбеди гаранција за техничко-технолошката изводливост и да гарантира дека ниту едно трето лице не ужива никакво право врз предметот на договорот.
  2. Примателот на лиценцата покрај правото да го искористува предметот на договорот, има обврска за тоа да плаќа договорен надомест во определениот рок.

Related Posts

Scroll Up