Договор за лизинг

Изразот лизинг потекнува од англискиот збор “lease” што во превод значи наем. Лизингот претставува алтернативен начин на финансирање кој се остварува преку склучување на договор за лизинг во писмена форма.

Како субјекти во договорот за лизинг се јавуваат три страни:

  1. Производител на предметот на лизинг – или добавувач, е субјектот од кој се купува односно добавува предметот на лизинг;
  2. Давател на лизинг – можат да бидат домашни или странски трговски друштва кои се специјализирани за оваа финансиска активност и следствено имаат соодветна дозвола од надлежна институција за вршење на финансиски лизинг;
  3. Корисник на лизинг – може да биде физичко или правно лице, домашно или странско, кое го прима на користење предметот на лизинг и тој факт го регистрира во надлежен регистар.

Предмет на лизинг може да биде секој подвижен или недвижен предмет или опрема, освен оние кои со закон се ограничени или исклучени да бидат предмет на лизинг.       Во праксата договор за лизинг најчесто се склучува за моторни возила, машини и друга техничка опрема, недвижнини, а може да вклучува и елементи на know-how.

Суштината на договорот за лизинг е договорниот пренос на правото на користење кое се состои во тоа што давателот на лизинг се обврзува кон корисникот на лизинг, да му финансира набавка на определен предмет или опрема кој давателот на лизинг ќе ја нарача од одреден производител, а корисникот на лизинг стекнува право на фактичко владение и користење на предметот во целиот тек на договорниот однос, со обврска да му плати на давателот на лизинг договорен надоместок т.е. лизинг рата како награда, со можност по истекот на рокот на договорот предметот да го врати или да продолжи да го користи. Тоа значи дека овој договорен пренос на правото на користење може, но не мора да заврши со пренос на правото на сопственост.

Постојат два основни видови на лизинг со свои специфични карактеристики:

  1. Финансиски лизинг – претставува финансирање на купување каде акцент се става на стекнувањето право на сопственот на предметот на лизингот по истекот на договорниот рок на користење.
  2. Оперативен лизинг – е вид на краткорочен договор за закуп каде корисникот привремено го користи на предметот на лизингот, а по истекот на рокот на договорот, предметот најчесто се враќа и истиот понатаму повторно се дава на лизинг. Оттука произлегува таканаречениот “лизинг од втора рака”.

 

Лизингот има многу предности, а особено се истакнува флексибилноста во исполнувањето на финансиските обврски согласно можностите и потребите на клиентите, елиминирање на трошоци кои постојат кај кредитите како хипотека, залог  и намалување или исклучување на даночните основи, како и заштеда на капитал што може да се покаже како многу корисно особено за малите и средни претпријатија.

Related Posts

Scroll Up