Фондација – поим, основање и органи

Фондацијата е еден од начините преку кои граѓаните можат да го остваруваат своето уставно загарантирано право на слободно здружување. Фондацијата е уредена со Законот за здруженија и фондации на Република Македонија.

Овој закон фондацијата ја дефинира како правно лице (статус кој го добива во моментот на уписот во надлежниот регистар) кое се формира за остварување на цели кои се дозволени со закон, а определени со статутот на фондацијата, кои цели се остваруваат преку стекнување и управување на имот и средства согласно со законот.

Фондација може да основаат еден или повеќе основачи, кои може да бидат физички или правни лица. Фондацијата се основа на два начини:

  • со акт за основање или
  • со последна изјава на волја на тестаторот дадена во тестамент или легат заверен пред нотар.

Услов за основање на фондација е минимална имотна маса од 10.000 евра изразена во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија, која може да се состои од пари, хартии од вредност или друг имот, на денот на поднесувањето на актот за запишување во Регистарот.

Постапката за основање на фондација се одвива пред Централниот регистар на Република Македонија.

При основањето на фондацијата, основачот т.е. извршителот на тестаментот односно легатот донесува статут, со кој се уредуваат индивидуализирачките елементи на фондацијата, како и сите значајни прашања за нејзиниот развој и опстанок.

Органограмот на фондацијата е составен од директорот– кој го води раководењето на фондацијата, и одборот– кој управува со фондацијата, ги носи поважните одлуки и други акти на фондацијата.

Една од специфичностите за фондацијата, согласно Законот за здруженија и фондации, е фактот дека таа не може да се трансформира во друг вид на правно лице.

Related Posts

Scroll Up