Гаранцијата како инструмент за заштита на потрошувачите

Заштитата на потрошувачите, во најгенерална смисла на своето значење, претставува збир на закони, организации и институции кои се воспоставени со цел да се дефинираат правата и обврските на потрошувачите, да се регулира конкуренцијата на пазарот, а дополнително, и да се обезбедат информации за тоа што претставува нефер трговска практика и како таа да се спречи.

Еден од основните инструменти за заштита на потрошувачите е гаранцијата. Со гаранцијата, нејзиниот давач му гарантира на стекнувачот дека предметот на гаранцијата е технички употреблив и дека ги има потребните својства за негово успешно искористување. Според Законот за заштита на потрошувачите, една од должностите на трговецот е да издаде гаранција за квалитет, односно исправно функционирање на предметот, како и да обезбеди сервис за поправка и резервни делови во текот нс гарантниот рок.

Содржината на Гаранцијата е поблиску определена. Така, таа мора да содржи минимум потребни информации за прашањата кои се однесуваат на:

    •  кој ја издава гаранцијата;
    •  на кого ја издава;
    •  траењето на гарантниот рок;
    •  податоци за производот;
    •  права и обврски на страните;
    •  други услови на гаранцијата.

Во согласност со принципот на диспозицијата на страните кој претставува еден од основните дефинирачки принципи во облигационото право, страните можат спогодбено да го определат рокот на траење на гаранцијата. Но, ова право се јавува во ограничен облик. Имено, тие не можат да договорат рок кој е пократок од една година. Уште повеќе, секоја друга нечесна договорена одредба, ќе се смета за ништовна.

Согласно Законот за облигациони односи, кога продавачот му предал на купувачот гарантен лист со кој го гарантира правилното функционирање на предметот во определен период, а предметот не функционира исправно, купувачот може да бара и од продавачот, и од производителот да го поправи предметот во разумен рок кој не може да биде подолг од 45 дена. Доколку продавачот или производителот не може да го поправи предметот, должен е да му предаде нов, кој ќе функционира исправно.

Во случај предметот да бил подложен на помала поправка, гарантниот рок продолжува за онолку колку што купувачот бил лишен од употребата на предметот. Меѓутоа, при изведување суштествена поправка или замена на предметот, гарантниот рок започнува да тече одново, од моментот на замената или враќањето на поправениот предмет. Исто така, доколку била направена поправка или замена на суштествен дел од тој предмет, гарантниот рок ќе започне да тече одново само за тој дел.

Законот за заштита на потрошувачите ги прецизира правата на имателот на гаранцијата, определувајќи дека производот може да се сервисира најмногу три пати во рамките на гарантниот рок, при што, во случај на неуспех при поправката, тој е должен  на купувачот да му даде нов предмет или да му го врати платениот износ.

Потрошувачот има права во случаите кога продавачот не ги извршил горенаведените обврски во разумен рок. Во таков случај, тој може да го раскине договорот или да бара намалување на цената на предметот. Дополнително, тој има право на соодветен надомест на штетата што ја претрпел за времето во кое бил лишен од употребата на предметот. Правата кои потрошувачот ги има спрема производителот врз основа на гарантниот лист се гаснат по истекот на една година, сметано од денот кога барал поправка или замена на предметот.

Blog Attachment
  • consumer
  • consumers

Related Posts

Scroll Up