Интервју со Мукаетова: добра идеја и квалитетен правен консултант се предуслов за успех во бизнисот!

Consulting Inter Group е компанија за правен консалтинг во областа на деловното право која деновиве го слави својот 5-годишен јубилеј. Оваа млада, но амбициозна компанија денес има две канцеларии, во Скопје и во Кавадарци и визија во блиска иднина својата работа да ја прошири во соседните земји. Петтиот роденден Consulting Inter Group го прославува со инвестиција во нов деловен простор и со збогатена понуда на услуги.

Ова е поводот да разговараме со Пенка Мукаетова, основач и управител на Consulting Inter Group.

Оваа млада и перспективна компанија специјализирана за деловно право денес има многу клиенти од редот на домашни и странски компании кои веќе работат или планираат да работат на македонскиот пазар, па врз основа на тоа се наметна потребата во иднина да се отворат канцеларии во Софија, Белград, Љубљана и Загреб

“Во 2011 година започнавме со двајца вработени и план секоја наредна година нашиот тим да се зголемува со уште еден нов вработен и нова услуга. Задоволна сум што тој план засега го реализираме, но познавањето на пазарот и мојата желба за посилно етабирање во консултантската дејност ме мотивираат целите да се поставуваат се повисоко“, вели Пенка Мукаетова, чија компанија Consulting Inter Group од старт е насочена кон бизнис клиентела, односно мали и средни компании.

Нејзината визија е да биде комплетен сервис за компаниите на кои им треба правна поддршка од самиот чин на регистрирање на компанијата и во сите следни фази на развој.

Како што и самата почнала буквално од нула, Мукаетова смета дека претприемништвото во Македонија треба да се поттикнува и поддржува и затоа нејзината компанија нуди бесплатна правна помош на младите кои сакаат да започнат бизнис во смисла на подготовка на документи, поврзување и застапување со институции и сите други потреби кои ќе произлезат во текот на постапката. Целта е што повеќе луѓе да се охрабрат и да влезат во бизнис, вели таа.

  • Кои се услуги ги нуди Consulting Inter Group?

Широката палета на услуги кои ги нуди Consulting Inter Group опфаќа основање на компанија, ликвидација, стечаи, преструктуирање, преземање и припојување на компании, организација и корпоративно управување, право на интелектуална сопственост, длабинска правна анализа, поврзување со брокерски куќи, приватизација, легализација на објекти, откуп на земјиште…  Изработуваме и бизнис и физибилити студии.

Се зависи од клиентот. Имаме клиенти кои бараат од нас да им бидеме правна поддршка буквално во секој сегмент и во секое време. Други повремено ги користат нашите услуги, кога имаат конкретен проблем или потреба. Ние се стремиме да ги обучиме компаниите дека е подобро да имаат консултантска компанија која во секое време ќе им стои на располагање наместо да бараат услуга само кога ќе се појави проблем. На тој начин ние како стручна поддршка и луѓе кои постојано ги следат сите законски промени ќе делуваме како “превентива“ за да не дојде до настанување на одредени проблеми. Идејата е буквално да бидеме нивен постојан сервис.

  • Работите и со домашни и со странски компании. Во изминатите пет години колку што работите, има ли зголемен интерес во Македонија за основање бизнис, па и за влез на странски компании?

Во изминатите неколку години пазарот доста се отвори, се појавија некои нови форми на финансирање што мислам дека малку ги охрабри луѓето да почнат повеќе да влегуваат во сопствен бизнис. Во секој случај, зголемениот број на проекти и иницијативи за поддршка на претприемништво го раздвижија пазарот. Од друга страна, оние кои веќе работат свој бизнис почнуваат да ги менуваат навиките. Почнаа да стануваат свесни дека ако ангажираат професионалци во одреден сегмент од своето работење ќе заштедат време, пари, човечки ресурси.

Странските компании, пак, најчесто преку нас се информираат за македонскиот пазар и неговиот потенцијал преку изработка на одредени анализи и студии кои ги правиме за нив. Оние кои веќе се решени или влезени на македонскиот пазар од сам почеток сите процеси ги реализираат со помош на правен консултант. Нивното искуство од дома или од други пазари на кои што работат е дека ниеден чекор не се прави без поддршка од консултант или адвокат. Во секој случај, од нашето искуство гледаме раздвижување и на самата бизнис сцена и на навиките на компаниите.

  • Какви тенденции има на пазарот. Кои се најголеми предизвици со кои се соочуваат компаниите во Македонија денес?

Делумно финансиите се фактор за успехот, но не секогаш. Недостигот на добри идеи и на анализа на пазарот се клучни фактори дали некој бизнис ќе успее или не. Недоволната едуцираност исто така ја гледам како пречка за поголем развој на компаниите.

Имаме компании кои ќе ја доведат во прашање ликвидноста, а нема да отстапат од бизнис стратегијата која ја избрале и покрај тоа што гледаат дека таа не дава резултат. Тоа кажува дека менаџментот е доста крут и нефлексибилен кон промените кои се случуваат во опкружувањето и на пазарот. Кај младите навистина гледам многу поголема свесност кога нешто не оди во добар правец и подготвеност да се направат промени. Тоа сметам дека е добар знак.

Целта на Consulting Inter Group е со минимална вклученост клиентот да добие комплетен пакет на услуги. Гледаме секогаш со минимален напор од клиентот, без губење на многу време и ресурси клиентот да ја добие услугата и проблемот или потребата која ја има во моментот, да биде задоволена.

  • Од кои дејности доаѓаат најголем дел од вашите клиенти?

Во последно време услужните дејности се на многу повисоко ниво. Услугите од типот на посредување, осигурување, транспорт, различни ИТ услуги се на многу повисока цена од која било друга дејност. На почетокот имавме многу повеќе клиенти од сегментот на мало производство и трговија, а во последните 2-3 години предничат услужните дејности. Како што се менуваат трендовите, така се менуваме и ние како компанија водени од нашата визија секогаш на клиентот да му го понудиме тоа што му треба.

  • Каква препорака ќе им дадете на компаниите и сите кои влегуваат во бизнис?

Добро да ја разработат својата идеја во форма на бизнис план базирано на пазарно истражување. Да консултираат стручни лица кога преземаат важни чекори за од самиот страт да бидат информирани и подготвени за тоа што ги очекува понатаму.

Постојано да се едуцираат, да се информираат, да не „спијат“ во ниеден момент. Пазарот во Македонија дозволува влез и развој на компании кои знаат што и како да работат. Колку ние како консултатни ќе придонесеме во овој развој зависи исклучиво од клиентите. Има добри компании кои почнале од нула, а работат навистина успешно. Со добра идеја и со добра правна поддршка секој бизнис може да биде успешен.

Blog Attachment
  • penka-final-e1475840102153

Related Posts

Scroll Up