Консалтинг Интер Груп, е компанија која е специјализирана за правен консалтинг во областа на деловното право, но која делува во сите правни гранки, и има мисија да прерасне во синоним за квалитет на полето на правните услуги. Нивната главна цел е клиентите во нив да препознаат комплетен правен сервис, кој преку широката палета на услуги и професионалниот тим, самоуверено и со одлични резултати ќе може да ги следи во секоја етапа од развојот на нивниот бизнис.
Следствено, нивната мисија се преточува во амбиција да дадат придонес во севкупниот развој на бизнис заедницата во Македонија, не само преку комплетна поддршка на веќе постоечките бизниси, туку и преку олеснување на влезот во бизнис сферата на новите претприемачи кои имаат квалитетни и издржани идеи со потенцијал за сеопшт економски бенефит.

  • Неодамна славевте 6 години од постоењето на вашиот бизнис. Кои се основните професионални перформанси што го одликуваат вашето шестгодишно работење?

Од основањето на Консалтинг Интер Груп до денес поминаа 6 години, исполнети со многу остварени соработки, со македонски и со странски правни субјекти; секоја од соработките различна на свој начин, но сепак со заедничка нишка: успех во реализација на пројавените правни потреби! Сметам дека овој факт се должи пред сé на експертскиот и професионален пристап во секој аспект од работата, брзите и практични решенија кои ги обезбедуваме со минимална вклученост и грижа на клиентите кои ни укажале доверба, како и ставање на нивните потреби во прв план.

  • Кои услуги ги нуди вашата компанија?

Консалтинг Интер Груп обезбедува правни решенија на сите предизвици со кои се соочуваат нашите клиенти на начин што ги крои и усогласува услугите кои ги нуди во согласност со нивните потреби. Согласно овој принцип, листата на нашите услуги постојано се проширува и се состои од, но не е ограничена на: основање и статусни промени на компаниите, изработка на бизнис и маркетинг планови, консултации в.в. постапки за јавни набавки, изработка на физибилити студии, правен и економски due diligence, истражување на инвестициски можности, алтернативно решавање на спорови преку медијација, повраток на средства од надоместок за патишта, заштита на интелектуална сопственост, советодавни решенија при влегување во договорни односи, посредување помеѓу клиентите и институциите и државните органи.

  • Што е она кое ве издвојува од конкуренцијата?

Консалтинг Интер Груп е прилично уникатен по многу работи, но сметам дека она што нé издвојува од останатите е фактот што ние нудиме комплетен сервис со само еден повик. Не специјализираме во решавање само на одреден тип правни проблеми и потреби, туку обезбедуваме целосна поддршка во секој сегмент од функционирањето на бизнисите на клиентите. Во овој потфат, голема улога игра нашиот стручен тим, на кој сум особено горда, а кој го сочинуваат и дел од најдобрите студенти на правниот факултет, кои не само што секојдневно внесуваат нови идеи и покажуваат исклучителност во работењето во правото, туку и брзо се вклопија во концептот и начинот на функционирање. Тука би ги издвоила колешките Александра Петковска и Викторија Спасовска.
Дополнително, компанијата ужива поддршка во сите сегменти од работењето и од надворешни соработници и консултанти во повеќе области, како и тим на адвокати.
На овој начин, клиентот добива ефикасно и квалитетно правно решение, а заштедува време, пари и човечки ресурси.

  • Ваш најголем предизвик со кој сте се соочиле во бизнисот досега?

Секој бизнис со себе носи бројни предизвици. За мене, најголем предизвик беше да се променат навиките на сопствениците на бизниси во поглед на користењето правни консултанти. Но, верувам, дека веќе докажавме колку навистина вреди вистинскиот правен совет во правилно време.

  • Кои се вашите мотив и инспирација за секојдневното творење во бизнисот?

Желбата за напредок и усовршување, за континуиран пораст и надградување на нашите услуги, но и методи на кои истите ги овозможуваме, персонален и професионален развој на тимот на Консалтинг Интер Груп, што ултимативно би довело до задоволни клиенти се најголемиот мотив и инспирација во овој бизнис.
Нема поголема сатисфакција од онаа која се продуцира кога клиентот ќе изрази благодарност за брзиот и ефективен резултат и ќе продолжи да ги користи нашите услуги постојано и во секоја фаза од своето работење, како потврда за довербата која ни ја дава.
Од таа причина, токму нашите клиенти се оние кои ја будат нашата творечка креативност, ни помагаат во походот на совладување на сите правни пречки на оптимален начин, нé инспирираат да воведеме нови правни услуги и истите да ги примениме со квалитет и истрајност.

  • Улогата на емоциите во овој тип на бизнис?

 Прашањето за улогата на емоциите во било кој бизнис е навистина интересно, а одговорот зависи од перспективата низ која истите се набљудуваат. Примерно, одредени емоции како страст за работата, љубов кон правото, желбата за добар резултат и квалитетна правна поддршка за клиентите, професионалната настроеност кон соработниците и колегите се корисна алатка на патот на успехот. Од друга страна, некои емоции, кои зародиш пронаоѓаат во непродуктивната компететивност помеѓу бизнисите, можат да доведат до негативни резултати, а со тоа и до неуспех.

Затоа, сé додека се од вистинскиот тип и доколку се искористат на правилен начин, емоциите можат да бидат силен двигател во функционирањето на бизнисот.

  • Важите за општествено одговорна компанија во бизнис заедницата на РМ. Кои се активности ги имате издејствувано во овој поглед?

  Консалтинг Интер Груп континуирано работи на одржување и зголемување на својата општествена одговорност и е горд поддржувач на женското претприемништво и социјалното претприемништво.
Членуваме во Здруженија и Асоцијации кои се борат за поттикнување на улогата на жената во бизнис секторот, и како активни членки редовно учествуваме на сите бизнис форуми, настани, семинари и обуки, во насока на промовирање на важноста на жената како бизнис креатор.
Дополнително, веќе неколку години спроведуваме програма за практикантство, при што најдобрите студенти од правниот факултет имаат прилика во нашите простории да извршуваат практична работа, стекнатото теоретско знаење да го применат на реални ситуации и со тоа да се подготват за професионален влез на пазарот на трудот.

  • Според Вас кои клучни карактеристики го одредуваат успехот на жената во бизнисот?

Успехот во бизнисот зависи од повеќе фактори, но верувам дека знаењето, стручноста и експертизата, самоувереноста во сопствениот квалитет, професионалниот интегритет и етика во работењето, подготвеноста за соработка со отворена и позитивна мисла, истрајноста во потфатите и надградувањето на работното искуство се особено значајни.
Бизнис сферата често знае да биде строга кон жените претприемачи, меѓутоа, полека но сигурно се бориме за отстранување на сите препреки бидејќи и со сопствен пример, а и преку поддршка на останатите жени во бизнисот, постојано докажуваме и потврдуваме дека потенцијалот кој може да се оствари доколку сите бизнис субјекти се поставени на исто рамниште е незаменлив.
Поради тоа, препорачуваме истрајност и постојана едукација, а клиентите сигурно ќе умеат да препознаат квалитет кога ќе бидат соочени со истиот.

  • Мисла со која би ги охрабриле младите луѓе да започнат сопствен бизнис?

Би им препорачала упорост, храброст и посветеност на сите оние кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Со добра разработка на идејата, едукација и истражување на постоечкиот пазар, со оформување на вистинскиот тим, но и со правниот совет од компетентни правни консултанти, успехот ќе биде неизоставен.