Како две фирми можат да направат компензација?

Во деловните односи во кои стапуваат правните субјекти, често се случува две страни да имаат различни побарувања една кон друга, во смисла на тоа дека може да се јави ситуација кога доверителот на некое првично побарување станува должник на својот должник за некое друго побарување. Кога ќе настане ваква состојба, а под услов да се исполнети неколку претпоставки, меѓу двете страни може да дојде до пребивање (компензација).

Согласно Законот за облигациони односи, компензацијата настанува така што должникот ќе го пребие побарувањето што го има спрема својот доверител со она што тој го побарува од него. Но, услов за пребивањето да е возможно е побарувањата да гласат на пари или други заменливи предмети од ист род и квалитет. Вториот услов пак, вели дека двете побарувања мора да бидат стасани, односно да изминал предвидениот рок за нивно исполнување и исто така услов претставува и побарувањата да не бидат застарени, бидејќи доколку се застарени тие се неподобни за компензирање.

За да настане една компензација, не е доволно само да се исполнат условите за тоа, односно да се дојде до ситуација кога двете страни ќе имаат заемни побарувања, туку неопходно е и да се даде една изјава, на тој начин што страната која ја иницира компензацијата ќе и изјави на другата страна дека врши компензација.

Иако компензацијата е практичен начин за решавање на прашањето на долг во односите меѓу субјектите, таа не секогаш е применлива. Зависно од карактерот и природата на пребивањето за кое станува збор, постојат неколку исклучоци кога во никој случај не може  да дојде до компензација. Така пребивањето е исклучено т.е  компензацијата не може да се изврши кога станува збор за побарување кое не може да се заплени, побарување на предмети или вредности на предмети кои на должникот му биле дадени на чување или на заем или кои должникот ги зел или задржал бесправно, побарување кое настанало со намерно причинување штета, побарување на надомест на штета причинета со оштетување на здравје или со причинување смрт, како и побарување кое произлегло од законската обврска за издржување.

Related Posts

Scroll Up