Казнена камата

Законот за облигациони односи предвидува дека во случаите на постоење договорен однос во кој се долгува парична обврска, а ќе се задоцни со нејзиното исполнување, покрај главнината на таа обврска, должникот долгува и казнена камата.

Од големо значење за утврдување на подлежноста на плаќање казнена камата е моментот на стасаност на обврската, кој момент се одредува согласно правилата на Законот за облигационите односи кои се посветени на определување на времето на исполнување на обврските. Уште повеќе, Законот предвидува и ситуации кога стасаноста на обврската нема да може да се определи на тој начин, а се работи за побарување кое произлегува од промет на стоки и услуги помеѓу трговци, во кои случаи обврската за плаќање казнена камата, без потреба од претходна опомена, стасува во следните денови:

  • 30 дена од денот на приемот на фактурата или соодветното барање за исплата;
  • Доколку денот на приемот на фактурата или соодветното барање за исплата не може да се определи со сигурност, 30 дена по приемот на стоките или услугите;
  • Доколку должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред приемот на стоките и услугите, 30 дена од приемот на стоките или услугите;
  • Доколку со закон или договор е предвидена постапка за прием или потврдување со која се утврдува сообразноста на стоките или услугите, а должникот ја прими фактурата или соодветното барање за исплата пред или на денот на приемот или потврдувањето, 30 дена од денот на приемот, односно потврдувањето.

Законот за облигациони односи во посебен член ја регулира висината на стапката на казнената камата на начин што пропишува дека стапката на казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за десет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за осум процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).

Правилото кое се применува во случај паричната обврска да е изразена или определена во странска валута се сведува на тоа дека стапката на казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за десет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за осум процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).

Законот за облигациони односи на договорните страни им препушта одредени диспозитивни овластувања преку определбата дека во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право дозволено е договарање и на повисока стапка од стапката на законската казнена камата што важела на денот на склучување на договорот (договорна казнена камата), но најмногу до 50 проценти повисока од утврдената законска казнена камата.

Доколку пак, договорните страни договориле стапка која е повисока од законската казнена камата и која стапка резултира со предизвикување несразмер помеѓу правата и обврските на договорните страни, таквата одредба ќе се смета за целосно или делумно ништовна. Но сепак, процесот на оценување на ништовноста на одредбата за определување на висината на договорната казнена камата, особено внимание посветува на фактот дали постоеле било какви оправдани причини за отстапување од од висината на стапката на законската казнена камата.

Законот за облигациони односи содржи посебни одредби кои точно го утврдуваат начинот на пресметка на казнената камата.

Особено значајна одредба во поглед на заштитата на правата на доверителот е правилото кое вели дека доверителот има право на казнена камата без оглед на тоа дали претрпел некаква штета поради должниковото задоцнување.

Related Posts

Scroll Up