Корпорација

Наједноставен начин за определување на поимните рамки на корпорацијата е преку наведување на нејзините основни структурни карактеристики:

  1. Постоење на правно лице

Основањето на корпорацијата со себе повлекува добивање својство на правно лице, како индивидуализиран ентитет кој извршува определена дејност и создава профит. Ваквата определба значи дека корпорацијата се третира како засебно лице, кое во поглед на стекнатиот имот, правата и обврските, е независно од засегнатите лица кои ја раководат или се вработени во неа. Оттука произлегуваат две начела кои се карактеристични за корпорацијата:

  • Трајност: Корпорацијата се создава со намера да опстојува што подолго време, независно од промените во составот на ангажираните лица;
  • Организација: Корпорацијата има развиена корпоративна структура, особено во поглед на засегнатите лица и имотот.

 

  1. Ограничена одговорност

Поради фактот дека имотот на корпорацијата се разликува од имотот на нејзините основачи или акционерите, доверителите на корпорацијата не можат своите побарувања да ги насочат кон средствата и имотот на акционерите за обврските кои настанале лично за корпорацијата туку можат единствено да истакнат побарување кон имотот и средствата на самата корпорација.

Ограничената одговорност се однесува на договарањето со трети лица, односно со доверители кои потоа ќе можат да истакнуваат побарувања единствено кон имотот и средствата на корпорацијата. Кога се зборува за ограничена одговорност, исклучително важно е да се запомне дека таа не се пренесува на полето на прекршоците и кривичните дела.

 

  1. Преносливост на акции

Преносливоста на сопственоста на акциите (негоцијабилност) подразбира дека сопственичката структура може да се менува без притоа да се наруши идентитетот на корпорацијата. Тоа од своја стана, продуцира поголема ликвидност и непрекин во функционирањето на корпорацијата.

Преносливоста на акциите не секогаш подразбира и слобода во тргувањето со акциите, поради што се јавува следната поделба на:

  • Отворени (јавни) корпорации, каде тргувањето со акциите е слободно;
  • Затворени (приватни) корпорации, каде тргувањето со акциите е ограничено.

 

  1. Постоење на структура на одбор(и) како спроведувач на делегирано менаџирање

Практиката покажува дека најчесто вршењето на корпоративните работи се доделува на одбор за управување, кој ги има следните основни карактеристики:

  • Формално, одборот е одделен од раководните лица на корпорацијата;
  • Одборот во значителен дел се бира од страна на акционерите на корпорацијата;
  • Одборот е посебен орган;
  • Одборот брои повеќе членови.

  

  1. Акционерска сопственост

Сопственоста, определена во смислата на корпорациите подразбира:

  • Право на учество во контролирањето на корпорацијата;
  • Право на дел од добивката на корпорацијата.

 

Компаративно, многу од законодавствата ги предвидуваат овие карактеристики како општо прифатена содржина на корпорациите при нивното формирање, бидејќи искуството покажало дека токму тие ја истакнуваат корпорацијата како прифатлив и корисен модел за организација на деловен потфат. Оттука, се јавува и една од главните функции на корпоративното право: обезбедување правна форма за деловните субјекти, која ќе ги содржи горенаведените елементи.

Related Posts

Scroll Up