Кредитирање и видови кредит

Во денешното современо потрошувачко општество постојат најразлични начини на финансирање кои имаат за цел да овозможат што е можно пофлексибилно задоволување на потрошувачките потреби на модерниот човек. Еден од тие начини е користењето на кредит т.е. кредитирањето.

Кредитот е финансиски акт со кој еден субјект (најчесто банка) му дава на заем на друг субјект (физичко или правно лице) определено количество на пари или други заменливи ствари. Кредитирањето се реализира преку договор и е еден вид на договор за заем, со таа разлика што кредитот е секогаш строго формален договор. Со склучување на овој договор, меѓу заемодавачот т.е. кредиторот, и заемопримачот т.е. дебиторот се воспоставува должничко-доверителски однос, во кој кредиторот има обврска да изврши трансфер на економските добра, додека дебиторот има обврска да ги врати во определен рок и тоа со определен надомест (камата), која кај кредитот е речиси секогаш задолжителна, а кај обичниот заем не.

Постапката за склучување на договор за кредит започнува со поднесување на барање од клиентот до банката, заедно со останатите документи кои ќе му бидат укажани како потребни со цел банката да ја оцени неговата кредитоспособност. Ако биде дадена позитивна оценка, се пристапува кон втората фаза, а тоа е склучување на договор за кредит,  пренос на кредитот и овозможување на дебиторот да го користи истиот; за во последната фаза да остане отплатата на кредитот од страна на дебиторот.

 

Постојат повеќе видови на кредити определени врз основа на најразлични критериуми:

  1. Првата поделба е во однос на тоа каква институција го дава кредитот. Врз основа на тоа, тие се делат на банкарски кредити и небанкарски кредити (кредити кои ги даваат други финансиски институции);
  2. Во зависност од тоа дали кредиторот е јавна или приватна институција, се делат на јавни и приватни;
  3. Во однос на тоа дали доверителите дејствуваат на национално ниво или пошироко, кредитите се делат на домашни и надворешни;
  4. Зависно од тоа каков субјект е должникот, постојат кредити на физички и кредити на правни лица (претпријатија);
  5. Поаѓајќи од должината на времето за кое се даваат, се делат на краткорочни, среднорочни и долгорочни кредити;
  6. Врз основа на рокот за отплата на кредитот, се делат на кредити кои се враќаат еднократно и во полн износ, кредити што се враќаат повеќекратно во однапред договорени износи и кредити што се враќаат во еднакви полугодишни или годишни ануитети.

 

Се поактуелни се потрошувачките кредити, особено поради нивната практичност, флексибилност во отплатата и фактот што со нив најчесто се воспоставува однос на долгорочна деловна соработка меѓу финансиските институции и нивните клиенти. Потрошувачките кредити се наменети за финансирање на тековната потрошувачка и за купување трајни потрошни добра. Во потрошувачките кредити спаѓаат сите кредити на населението, со исклучок на станбените кредити. Тука спаѓаат обновливите потрошувачки кредити кои вклучуваат кредитите врз основа на кредитни картички,  тековните сметки и други видови кредити кај кои потрошувачот има отворена кредитна линија на определен износ, која постојано се продолжува; наменски потрошувачки кредити кои се наменети за купување точно одредени производи; ненаменски потрошувачки кредити кои немаат однапред определена намена, се исплаќаат во готово и клиентот може да ги употреби за која било цел; автомобилски кредити кои се одобруваат за купување на моторни возила, и многу други видови на потрошувачки кредити наменети за финансирање на најразлични потреби на потрошувачите.

Related Posts

Scroll Up