ОД НАШ АГОЛ: Колку е важна емоционалната зрелост при донесување на вистинската одлука?

Одговорот на ова прашање е едноставен: емоционалната зрелост е круцијална при донесување на вистинската одлука.

Дефиницијата на битисувањето на еден човек, на неговиот карактер и позицијата во сопствениот и во животот на луѓето околу него, најлесно се изведува од изборите кои тој ги прави. Изборот е насекаде; секојдневен, неизбежен и со различен степен на релевантност, но, тој е тука. Одлуките кои се носат при сооченост со избор се оние одлуки кои не само што суштински ја обликуваат сопствената перспектива врз животот, туку и ја одредуваат вредноста на поединецот во општеството.

Затоа, сечиј стремеж е да ја донесе вистинската одлука во вистинското време. Емоционалната зрелост е фактор кој има моќно влијание врз тој процес.

Емоционалната зрелост, сфатена како способност за правење на позитивни, корисни избори при критични животни предизвици, е условена од поседувањето емоционална интелигенција, која може да се разгледува низ елементите на самосвест, самоуправување, емпатија, мотивација и соодветни социјални вештини. Таа се изразува во секој аспект од животот.

Во бизнисот предизвикува сестрано согледување на предностите и слабостите и нивно рационално искористување.

Но, емоционалната зрелост игра главна улога во донесувањето на коректни одлуки во личниот живот: односите со партнерите, пријателите и семејството. Поставувањето на себе си во релација со другите, корисното делување и влијание врз нивните животи, пријатноста и срдечноста, манирите, енергијата и ставот кој се зазема се всушност претпоставки за нечие поимување како позитивна личност.

Емоционално зрелата личност знае како да се постапи при сооченост со избор, умее да ги разгледа сите алтернативи и да ја донесе општокорисната одлука со која ќе ги поттикне и инспирира најблиските.

Онаа личност пак, која сé уште се пронаоѓа себе си, се дефинира преку очите на другиот, а не преку вредноста која ја носи, онаа личност која не работи на својата емоционална зрелост, никогаш нема да може да се издигне пред животните предизвици, да работи во име на постигнување добро, а не штета и речиси секогаш ќе ја донесе погрешната одлука.

За да се донесат правилни одлуки и да се подобри емоционалната зрелост мора да се биде реално присутен во животот, да се биде одговорен за сопствените постапки и да се настапува со интегритет и свое ЈАС. Само така, вистинските одлуки ќе бидат донесени во вистинско време.

Related Posts

Scroll Up