Одговорност на управителот на друштвото со ограничена одговорност

Управителот на друштвото со ограничена одгворност во рамките на функцијата која ја извршува ужива неколку типови на овластувања,

  • Oвластувања на управителот во врска со водењето на работите на друштвото;
  • Овластувања на управителот во врска со застапувањето на друштвото;
  • Посебни овластувања и обврски на Управителот.

Секое од овие овластувања за управителот продуцира и одговорност која најпрецизно се согледува во следните законски решенија.

Управителот е должен да ги води работите на друштвото со внимание на уреден и совесен трговец и да ја чува деловната тајна на друштвото. Доколку управителот пропушти да се однесува на овој начин, подлежи на одговорност за надомест на штета која му била причинета на друштвото. Уште повеќе, во ситуациите кога ќе се утврди дека управителот во работењето постапувал спротивно на одредбите на законот и другите прописи, како и дека не го почитувал договорот на друштвото, тој одговара лично и неограничено, додека кога друштвото има двајца или повеќе управители, тие одговараат неограничено и солидарно, како спрема друштвото, така и спрема третите лица.

Законот за трговски друштва експлицитно наведува неколку ситуации во кои управителот мора посебно да ја надомести штетата. На ваква одговорност управителот подлежи доколку спротивно на законот и на договорот за друштвото, изврши поделба на имотот на друштвото или ако на содружниците делумно или во целост им ги врати влоговите, им исплати камати или добивка или ако друштвото стекне сопствен удел, ако го земе во залог или ако го повлече уделот.

Од самата определба на функцијата и значењето на управителот, произлегува претпоставката дека во сите преземени дејствија тој ќе го штити интересот на друштвото. Затоа, Законот за трговски друштва предвидува дека управителот е одговорен лично и за штетата што ќе му ја предизвика на друштвото со правна работа што ја склучил со друштвото во свое или од туѓо име, аза своја сметка, ако за тоа претходно не добил согласност од органот за надзор или од другите управители, доколку друштвото има повеќе управители. Во одреден број случаи може да настане спор во поглед на прашањето во чиј интерес настапувал управителот, при што во ваков случај, тој е должен да докаже дека постапувал во интерес на друштвото и со внимание на уреден и совесен трговец.

Конечно, управителот е одговорен за уредното водење на трговските книги на друштвото, како и за навремено и прецизно изготвување на годишната сметка и годишниот извештај за работата на друштвото во претходната деловна година, кои потоа ги поднесува до Собирот на содружниците, почитувајќи го законски предвидениот рок.

Анализирајќи ја одговорноста на управителот на друштвото и надоместувањето на штета од негова страна, вреди да се напоменат и правните инструменти кои им стојат на располагање на содружниците на друштвото за нивна правна заштита. Имено, Содружниците имаат право против управителот да поднесат тужба за надомест на штета која лично ја претрпеле, како и тужба за надомест на штета на друштвото, која може да се поднесе поединечно или групно.

Притоа, договорот на друштвото не може да предвиди одредба со која поднесувањето тужба би било условено од претходно мислење или одобрување на собирот на содружниците или која би содржела однапред дадено откажување од поднесувањето тужба. Таквата одредба во Договорот на друштвото би била ништовна.

 

 

 

Blog Attachment
  • manager-leader

Related Posts

Scroll Up