Одговорност за правните недостатоци

При склучување договор за продажба, освен одговорноста која продавачот ја има за физичката употребливост на предметот, тој одговара и за правните пречки, односно гарантира дека предметот кој се продава или правото кое се пренесува не се оптоварени со право на трето лице, што од своја страна би претставувало правна пречка за непречено остварување на правото на купувачот.

Според Законот за облигациони односи, продавачот подлежи на одговорност доколку врз продадениот предмет постои некое право на трет што го исклучува, намалува или ограничува правото на купувачот, а за чие постоење купувачот не е известен, ниту се согласил да го земе предметот оптоварен со тоа право. Продавачот одговара и за посебните ограничувања од јавно-правна природа што на купувачот не му биле познати, ако тој знаел за нив или знаел дека можат да се очекуваат, а не му ги соопштил на купувачот.

Доколку купувачот добие сознание за тоа дека трето лице полага некое право врз предметот, тој има должност да го извести продавачот за тоа и да го повика во разумен рок да го ослободи предметот од претензијата на третото лице. Во случај предметот да е родово определен, купувачот има право да бара од продавачот да му испорача друг предмет без правен недостаток.

Санкциите кои следат за продавачот, како и правата кои би можел да ги остварува купувачот, зависат од нивната (не)совесност и нивното постапување. Така, ако продавачот не постапи согласно барањата на купувачот, а правото на купувачот биде намалено или ограничено, купувачот има алтернативно право да бара или раскинување на договорот или сразмерно намалување на цената. Но, доколку правото на купувачот е сосема одземено и тој веќе не може да ја оствари целта заради која договорот е склучен, договорот се раскинува по сила на самиот закон. Околноста дали купувачот ќе може да бара надомест на штета или не, како дополнување на истакнувањето на барање за одговорност на продавачот, зависи од фактот дали тој бил совесен, односно дали бил запознаен со постоењето на правни пречки или тоа не било случај во моментот на склучување на договорот.

Поинаква е ситуацијата кога купувачот нема да го извести продавачот за правните недостатоци и тој самиот ќе се впушти во спор со третото лице. Доколку купувачот го изгуби спорот, сепак има правна заштита и може да бара одговорност на продавачот за недостатоците, но продавачот има право да докажува дека тој располагал со правни средства да го одбие барањето на третото лице.

Купувачот има право да го признае правото на третото лице, во ситуациите кога тоа право е несомнено и очигледно, при што истовремено има можност да истакне барање за одговорност на продавачот. Тој може да му исплати на третото лице извесна сума на пари со цел тој да се откаже од своето очигледно право, а потоа да ја бара исплатената сума од продавачот, заедно со надомест на претрпената штета.

Страните на договорот, согласно својата диспозиција, можат во самиот договор да ја ограничуваат или исклучуваат одговорноста на продавачот за правните недостатоци. Меѓутоа, доколку продавачот знаел или можел да знае за некој недостаток во моментот на склучување на договорот, таа договорна одредба ќе биде ништовна.

Во секој случај, правата на купувачот се гасат со истекот на една година од дознавањето за постоењето на правото на трет, но, ако третото лице пред истекот на тој рок повело спор, а купувачот го повикал продавачот да се замеша во спорот, правото на купувачот се гаси со истекот на шест месеци по правосилно завршениот спор.

Blog Attachment
  • business-discussion-table-form-meeting-610

Related Posts

Scroll Up