Отстапување на побарување со договор (цесија)

При постоење на долг помеѓу доверител и должник, понекогаш се јавува ситуација кога доверителот поради различни причини, своето побарување кон должникот го отстапува на трето лице. Во новиот договор тие ќе се јават во улоги на отстапувач и примач како учесници во отстапувањето на побарување со договор, или поинаку именувано, цесија.

Законот за облигациони односи, покрај дозволувањето и регулирањето на цесијата, ги одредува и нејзините граници. Имено, тој ги пропишува случаите во кои не може да дојде до договорно отстапување на побарувањето преку набројување на ситуациите кога пренесувањето е забрането со закон, децидно поврзано со личноста на доверителот или пак доколку невозможоста за пренесување произлегува од природата на побарувањето. Дополнително, меѓусебниот претходен договор меѓу доверителот и должникот за непреносливост на побарувањето, исто така создава пречка за некој подоцнежен договор за цесија да произведе дејство.

При пренесувањето на главното побарување, на примачот му се пренесуваат и сите споредбени права кои го следат главното (првенствена наплата, хипотека, залог, камата, договорна казна). При тоа, залогот е малку покомплициран затоа што неопходна е согласност на должникот, која доколку не биде дадена, отстапувачот ќе мора да го задржи заложениот предмет кај себе.

Што се однесува до самото отстапување и положбата на должниот во новата состојба, Законот за облигациони односи наведува дека согласноста на должникот не е неопходна, но се востанувава обврска за негово известување за извршената цесија.

Кога ќе се проучи цесијата како појава, се забележува дека еден двостран должничко-доверителски однос го претвора во тристран, со тоа што секоја од страните (отстапувач, примател и должник) ќе се стекне со одредена улога. Така, ќе се истакне фактот дека примачот ќе ги има сите права кои отстапувачот ги имал кон должникот, додека должникот ќе може кон примачот да ги истакне истите приговори кои можеле да бидат претходно истакнати против отстапувачот. Кога се говори за односот меѓу отстапувачот и примачот, се наведува дека  отстапувачот мора на должникот да му издаде потврда за долг, да одговара за постоењето на долгот, како и да одговара за наплатливоста на долгот.

Цесијата може да се јави и во неколку посебни појавни односи:

  • – Отстапување наместо исполнување, при што отстапувачот на примачот му отстапува некое свое побарување со цел да намали некој долг кој тој има кон него, како резултат на што неговиот долг ќе престане до износот на отстапеното побарување;
  • – Отстапување заради наплатување, при што се работи за слична ситуација како претходната, со таа разлика што отстапувачот го намалува својот долг само кога примачот ќе го наплати таквото побарување
  • – Отстапување заради обезбедување, што претставува состојба кога отстапувачот го пренесува своето побарување како обезбедување дека некој негов долг кон примачот ќе биде намирен и откако примачот ќе го наплати својот дел, остатокот од добиеното го враќа на отстапувачот.

Related Posts

Scroll Up