Поим, карактеристики и функции на договорот за факторинг

Во секoјдневниот живот, сите претпријатија, а особено малите и средните, честопати имаат потреба од капитал за да можат континуирано да ги извршуваат своите дејности. Факторингот и Договорот за факторинг се едни од инструментите кои овозможуваат брза ликвидност и готови пари за претпријатијата, а помагаат да се избегнат долгите и сложени процедури за добивање кредит. Тоа од своја страна допринесува кон  зголемување на продуктивноста во работењето.

Факторинг е финансиска активност со која едно правно лице ги продава своите побарувања од купувачите на финансиски посредник или финансиска организација која е регистрирана за вршење на таа дејност, наречена фактор. Во улога на фактор најчесто се јавуваат банка, филијала на некоја банка или финансиско друштво специјализирано за факторинг. Продавањето на побарувањата се врши по намалена (дисконтирана) вредност, при што по продажбата, факторот ги наплатува побарувањата од должниците.

Оваа финансиска активност се спроведува преку склучување на Договор за факторинг помеѓу факторот и клиентот.  Ваквиот договор се вбројува во групата на посебни видови на договори на автономното трговско право, за кои нема посебни правила во поглед на формата, иако вообичаено е да се склучува во писмена, ad probationem форма, се со цел негово полесно докажување и извршување.

Со договорот за факторинг клиентот го пренесува своето побарување кое уште не е стасано за исплата, на факторот, а факторот на клиентот му исплаќа капитал, кој ја претставува вредноста на побарувањето кое клиентот го има кон својот должник. Бидејќи факторот оваа финансиска услуга ја врши како регистрирана дејност, тој наплаќа одредена провизија поради употреба на сопствените фондови. Провизијата зависи од најразлични услови, приемрно: износот на побарувањето, рокот во кој тоа треба да се наплати и слично. Понатамошните односи помеѓу факторот и клиентот се регулирани според општите правила за цесија, на начин што должникот својата обврска мора да ја исполни спрема факторот и тоа откако ќе биде известен за пренесувањето на побарувањето.

Побарувањата кои се отстапуваат со овој договор треба да бидат краткорочни (од 30 до120 дена) и тоа во внатрешниот промет, иако не е исклучена можноста да бидат од надворешниот (меѓународен) промет. По однос на обемот, дозволено е пренесување на едно или повеќе сегашни или идни побарувања.

Договорот за факторинг не е ограничен на полето на предметот на побарувањата. Најчесто се цедираат паричните побарувања од било кој договор, на пример договор за продажба на стока или вршење на услуги. Исто така, вообичаена практика е Договорот за факторинг да се однесува на вкупни договорни парични побарувања, наместо на поединечни. Од таа причина, често се нарекува перпетуален договорен однос, бидејќи се однесува на побарувања кои се со различен рок на стасаност и кон различни должници, по основ на една главна правна работа, како гореспоменатите примери за договори за продажба на стоки или вршење услуги.

Договорот за факторинг има неколку основни функции, и тоа: Del credere функција, услужна функција и функција на финансирање.

  • Del credere функција или функција на осигурување на кредитот постои само кај правиот факторинг, што значи дека факторот го презема побарувањето заедно со ризикот од неможност на наплата на побарувањето. Затоа, кога се склучува Договор за факторинг со кој клиентот се ослободува од ризикот на неможност на наплата, најчесто се склучува заедно со договор за осигурување на бонитетот на побарувањето, или пак се користат други средства за обезбедување на побарувањето како што е залогот, бидејќи во интерес на факторот е да има помал ризик и да го наплати побарувањето од должникот. Кога со договорот за факторинг се презема и оваа функција, факторот има право на посебна провизија за преземениот ризик на наплатливост на побарувањето.

 

  • Услужната функција на факторингот се состои од збир на административни и сметководствени дејствија кои ги презема факторот со самиот чин на преземање на побарувањето. Преку оваа функција, клиентот се ослободува од овие дејствија, а факторот е тој којшто ќе треба да врши понатамошно книжење, пресметување на камати, даноци и провизии, да се грижи за реализација на преземеното побарување и слично.

 

  • Функцијата на финансирање се состои во тоа што факторот го финансира клиентот во висина на договорената продажна цена на испорачаната стока или пружената услуга од која се одбива провизијата, а клиентот му го пренесува побарувањето на факторот.

Постои и неправ односно квази-факторинг, кај кој за разлика од правиот факторинг, се остваруваат само една или две од овие функции, а не се остварува Del credere функцијата.

Blog Attachment
  • benefits-of-factoring

Related Posts

Scroll Up