Поим, содржина и видови на договор за франшиза

Договорот за франшиза е sui generis вид на договор за деловна соработка кој се склучува помеѓу два субјекти кои се правно независни:

  • продавач/давател на франшиза – франшизор и
  • купувач/примател на франшиза – фрашизат.

Со овој договор франшизатот добива можност да врши веќе разработен бизнис и целосен систем на работење, а за тоа на франшизорот му исплаќа одреден надоместок.

Со склучување на овој договор, всушност, се создава една правна рамка во која на франшизатот му се дава ексклузивно право да продава производи или да дава услуги на еден однапред пропишан начин, користејќи го името и брендот на една компанија, нејзините симболи, дизајн, техничко и деловно знаење – know how и други заштитени права како трговска  марка,  патент, индустриски  дизајн,  авторско  право. Со франшизата се користат многу поволности, бидејќи се купува еден успешен и развиен бизнис со веќе воспоставени врски со клиенти и изграден препознатлив бренд. Дополнително, за целото време на траење на договорот, овозможена е целокупна поддршка и систем на работење, што од своја страна значително го смалува ризикот при работењето.

Договорот за франшиза содржи многу елементи. Негова најголема специфичност е фактот дека давателот на франшизата е тој кој го диктира најголемиот дел од односот на соработка бидејќи тој му го трансферира на корисникот на франшизата целокупното знаење, технологија, деловни стандарди и деловни тајни на еден бизнис, со цел да го прошири, да остварува поголем профит и да го направи својот бренд повеќе препознатлив. Заради ваквата специфичност и потребата од заштита на договорните страни, овој договор најчесто се склучува во писмена форма.

Според својата содржина, разликуваме два вида на договор за франшиза, и тоа:

  1. Стоков франшизинг или производен франшизинг. Со овој вид франшизинг се дава франшиза за производство и продажба на стока, и
  2. Деловен франшизинг или услужен франшизинг. Со овој вид франшизинг се дава франшиза за определени услужни дејности.

Франшизата кај претприемачите е сé поактуелна. Како концепт, најефикасен се покажал т.н. меѓународен франшизинг за развој и промоција на бизнис активностите на глобално ниво. Токму затоа најпривлечен е и најмногу се користи во услужниот сектор, како што се рестораните за брза храна, хотелиерството, пијалоците. Како најпознати примери се Holiday Inn, Coca Cola, Pepsi Cola, Starbucks  и McDonald’s рестораните.

Франшизата е комплексна област, но со стручни и внимателни истражувања може да се откријат можности кои имаат потенцијал да се покажат како мошне исплатливи во претприемништвото.

Related Posts

Scroll Up