Право на отсуство од работа со платен надомест

Законската регулатива од областа на работните односи наметнува права и обврски како за работодавачите, така и за работниците. Покрај правото на платен годишен одмор во времетраење од најмалку 20 дена, согласно Законот за работни односи на Република Македонија, работникот има право на платено отсуство со платен надоместок во повеќе случаи. Имено, работникот има право на платен одмор заради лични и семејни околности и тоа за: склучување на брак, раѓање на дете (само за таткото) и/или смрт на близок роднина), до седум работни дена.  Деновите на платениот одмор се утврдуваат со колективен договор и по сите основи не може да изнесуваат повеќе од седум работни дена.

Право на отсуство од работа со надоместок на плата работникот има и за празниците на Република Македонија, коишто се определени како слободни денови од работа и за другите со закон определени слободни денови Меѓутоа, ова право на работникот може да му се ограничи, ако работниот, односно производниот процес се одвива непрекинато или природата на работата бара вршење на работата и на празничен ден.

Загарантирано право со закон е и отсуство од работа со надоместок на плата во случаи на времена неспособност за работа поради заболување или повреда и во други случаи во согласност со прописите на здравственото осигурување.

Право на отсуство од работа со надоместок на плата има работникот заради вршење на непрофесионална функција, на која бил избран на непосредни државни избори, функции, односно должности на кои е именуван од страна на судот, како и работникот кој е повикан на должноста воен обврзник, како и на изведување на одбранбени должности и должностите на заштита и спасување, освен служење на воениот рок, или е без вина повикуван од управни или судски органи (државни советници, членови на општински совети, советници на општини, судии-поротници, судски вештаци, проценители, преведувачи, воени обврзници и друго), на товар на органот или установата каде што ја врши функцијата, односно каде што ја извршува обврската од посебен закон.

Работникот кој доброволно дава крв има право на отсуство од работа на два последователни работни дена за секое давање крв.

Работникот кој се образува, дошколува или оспособува во согласност со Законот за работни односи како и работникот кој се образува, дошколува или оспособува од сопствен интерес, има право на платено отсуство од работа заради полагање на испити.

Related Posts

Scroll Up