Предбележување – условно укнижување на правото на сопственост

Предбележувањето на правото на сопственост е еден од трите вида на запишување, регулирано со членот 171 во Законот за катастар на недвижности.

Тоа е условно укнижување на стекнување, односно престанок на правото на сопственост и на подоблиците на правото на сопственост на недвижност, во случај кога е поднесена пријава за запишување во Катастарот на недвижности, а кога не се исполнети законските претпоставки, односно условите  за запишување и доколку не е доволно застапен основот за конечно укнижување.

Услов кој треба да се исполни за да се изврши предбелешката е правното дело да биде склучено во писмена или електронска форма со заверени потписи на договорните страни на нотар. Во Катастарот на недвижности предбележување ќе се изврши и во случај кога правното дело е склучено во форма на нотарски акт, а нема доказ за платен данок на промет.  Кога се работи за правен основ одлука на суд или на друг државен орган, минимален услов кој треба да се исполни за да се запише предбелешка е одлуката да е конечна, односно правосилна, без притоа да е платен данокот за промет на недвижности. Непостоење соодветност на податоците согласно член 175 од Законот за катастар на недвижности е пречка за предбележување. Непостоњето на соодветност е во однос на податоците за правниот претходник и податоците за недвижноста кога во исправата за правен основ не се идентични со податоците за носителот на правото на недвижноста и за недвижноста запишани во Катастарот на недвижности пред поднесување на пријавата.

Подносител на пријавата за предбележување е заинтересираното лице, кое претендира да се стекне со правото на сопственост на недвижноста.

Правното дејство на предбелешката е временски ограничено. Имено, доколку подносителот на пријавата во рок од 6 месеци не ја уреди истата, тогаш друго лице кое ќе поднесе пријава за укнижување, ако предбелешката по пријава на носителот на правото на недвижноста не е избришана, укнижувањето ќе се изврши, што ќе доведе и до бришење на предбелешката.

Правното дејство на предбележувањето се состои во тоа што се обезбедува првенство на укнижување (прв во времето-прв во правото), доколку самото предбележување ќе биде потврдено согласно со условите за запишување на правата определени со закон.

Related Posts

Scroll Up