Предмет на заштита на индустриски дизајн

Индустриски дизајн е право од индустриска сопственост стекнато во постапка со кое се штити дизајнот, согласно Законот за индустриска сопственост на РМ.

Пред да се поднесе пријава на индустриски дизајн, треба да се утврди дали конкретниот предмет може да се заштити како индустриски дизајн, односно дали претставува нова надворешна форма на определен производ. Со право на индустриски дизајн се штити нова форма на тело, слика, цртеж, контура, композиција на бои, текстура или нивна комбинација, што може да се пренесе на определен индустриски или занаетчиски производ, или на негов дел, колку што е потребно да ги задоволи условите на новост и особеност.

Што се подразбира под поимот производ?

Било кој индустриски или занаетчиски изработен предмет, вклучително и делови кои се наменети да формираат сложен производ претставува производ.

Дизајнот пренесен на производ, што е наменет да се вклопи во сложен производ, може да се штити како индустриски дизајн ако вградениот дел за кој се бара заштита останува видлив при нормална употреба на сложениот производ и кога видливиот дизајн на вградениот дел, самостојно ги задоволува барањата за новост и особеност.

Кога дизајнот е нов?

Дизајнот е нов ако суштествено се разликува од оној што порано е пријавен и од оној што пред поднесувањето на пријавата и бил достапен на јавноста, освен ако пријавата е повлечена пред објавувањето на решението со кое се признава правото на индустриски дизајн.

Кога дизајнот е особен?

Дизајните се идентични кога нивните карактеристики се разликуваат само во небитни детали. Дизајнот е особен ако на прв поглед стручно лице може да ја забележи разликата од дизајните што и станале достапни на јавноста.  Дизајнот нема да се смета за особен единствено заради фактот што неговата примена се однесува на други индустриски и занаетчиски производи, односно нивни делови.

Што не може да се заштити со индустриски дизајн?

Дизајн кој исклучиво е одреден од техничките функции на производот кој мора да биде репродуциран во својот точен облик и димензии за да може производот во кој е содржан или на кој се применува дизајнот да биде механички поврзан со друг производ или сместен во, до или околу друг производ за да можат двата производа да ја извршуваат својата функција.

Потреба од стручна помош

Во постапката за заштита на правата од индустриска сопственост пред Државниот завод за индустриска сопственост и пред органите на државната управа, странките може да побараат стручна помош од застапници, а право на застапување имаат физички и правни лица кои имаат положено стручен испит за застапници и се запишани во регистарот што го води Заводот.

Стекнување на правото на индустриски дизајн

Правото на индустриски дизајн се стекнува со денот на донесување на решението за признавање на правото и со упис во регистарот. Датумот на упис во регистар е ист со датумот на донесување на решението за признавање на индустрискиот дизајн.

Related Posts

Scroll Up