Предности на решавање на спор во арбитражна постапка

Арбитражата или Постојаниот избран суд при Стопанската комора во РМ, е основан согласно Законот за стопански комори и Статутот на Стопанската комора на Република Македонија во 1993 година. Станува збор за институција надлежна за арбитражно решавање на домашни спорови и на спорови со меѓународен елемент.  Доколку странките се договорат спорот или споровите кои би можеле да произлезат да се решаваат по пат на арбитража, тогаш таа е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на РМ.

Според последните податоци годишно во РМ се решаваат во просек околу 10 стопански спорови по пат на арбитража. Од Стопанската Комора велат дека се прават напори да се афирмира арбитражата во Република Мкаедонија, со цел во иднина да се избегнат судските лавиринти на кои наидуваат субјектите. Практиката покажува дека во нашата држава најчесто странските инвеститори се оние кои го користат овој алтернативен начин на решавање на споровите како поквалитетен и поефикасен метод наспроти долгите судски постапки кои знаат да траат со години, додека домашните компании ретко кога се одлучуват за овој начин на решавање на споровите.

За предвидување на надлежност на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија за сите идни спорови меѓу деловните субјекти ја препорачуваат употребата на следната модел- клаузула: “Сите спорови кои ќе произлезат од овој договор или во врска со него, вклучувајќи ги споровите за неговата полноважност, ќе се решаваат пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со одредбите на Правилникот на Постојаниот избран суд – Арбитража”.

Причините поради странките се договораат за решавање на споровите по пат на арбитража се позитивни и тоа пред се заради пониските трошоци на кои се изложени странките наспроти трошоците во постапка пред судовите, едноставноста и неформалноста како и брзината на постапката. Периодот од шест до девет месеци се смета за рок во кој арбитражната постапка вообичаено трае. Покрај ова, роковите за поднесување на потребните поднесоци не се подолги од 30 дена. Можеби една од клучните карактеристики е непристрасноста на арбитрите кои и самите странки можат да ги изберат од листата на истакнати домашни и странски арбитри при Постојаниот избран суд и  тоа арбитер поединец или совет од тројца арбитри. Како докажани експерти во својата област, арбитрите имаат должност  да дадат писмена изјава за независноста и непристрасноста во конкретниот спор, со што ја докажуваат својата стручност и компетентност.

Изборот на јазикот кој ќе се користи и местото на арбитражата, меродавно материјално право се препуштаат на слободната волја на договорните страни што претставува уште една од предностите на Арбитражата во Република Македонија. Во арбитражната постапка за предметот на спорот се одлучува во еден степен и не е дозволена жалба по истата, освен ако самите странки не се договорат поинаку. Значи дека арбитражната пресуда е конечна, ги обврзува странките, има сила на правосилна судска одлука и претставува извршна исправа. Доколку истата не се исполни доброволно, тогаш може да се изврши по пат на присилно извршување.

За разлика од судските рочишта кои се достапни за пошироката јавност, рочиштата во арбитражната постапка се затворени од јавноста без исклучоци. Пресудата може да се објави само со согласност со странките, а притоа целата документација која се однесува на предметот на спорот се смета за доверлива.

Постојаниот Избран суд при Стопанската комора на Република Македонија има склучено спогодби за соработка со Арбитражите при коморите во Словенија, Хрватска, Бугарија, Украина, Руската Федерација, Србија и Косово. Воедно, Република Македонија е потписничка на Њујоршката конвенција за признавање и извршување на странските арбитражни одлуки.

Related Posts

Scroll Up