Регистрација на даночни обврзници во Управата за јавни приходи

Управата за јавни приходи врши работи на утврдување и наплата на даноци и други јавни приходи. Една од надлежностите кои ги има е регистрацијата на даночни обврзници и водење на евиденција за даночните обврзници.  Во Управата за јавни приходи се регистрираат обврзници на данокот на додадена вредност, акцизи, персонален данок на доход и данок на добивка, како и даночни платци – исплати на лични примања, пензии, инвалиднини. Овие лица се должни да се регистрираат, да пријават промени, односно да се одјават најдоцна во рок од десет дена од денот на настанување на условите за регистрација, на промената односно одјавувањето.

Регистрацијата се врши со поднесување на соодветната документација и пополнување Пријава за регистрација на даночен обврзник чија форма и содржина се определени со Правилникот за формата, содржината и начинот на пополнување на пријавата за регистрација на даночните обврзници. Даночните платци – исплатители на лични примања, пензии и инвалиднини се должни да ги пријават  обврзниците на персонален данок на доход на кои им се исплатуваат лични примања, пензии и инвалиднини.

Покрај оваа позната како општа даночна регистрација под одредени услови е предвидена и обврска за регистрација како посебен обврзник за одделни даноци.  Законот за додадена вредност предвидува обврска за регистрација како обврзник на ДДВ доколку е остварен, односно се очекува да се оствари вкупен годишен промет во износ од најмалку 1 300 000 денари, кој е предмет на оданочување со ДДВ. Постои  можност за доброволно регистрирање како ДДВ обврзник и за стопанственици со помал промет доколку сметаат дека е тоа е поповолно за нив. Регистрирањето се врши со поднесување до Регионалната дирекција на УЈП, лично или преку соодветното Даночно одделение, Пријава за регистрација за ДДВ чија форма и содржина се определени со Правилникот за формата и содржината на Пријавата за регистрацијата на данокот на додадена вредност. За извршената регистрација Управата за јавни приходи донесува Решение за регистрација за ДДВ.

По службена должност, Управата за јавни приходи ги регистрира лицата за кои ќе утврди дека имале должност да се регистрираат, а тоа не го направиле. Управата води Регистар на даночни обврзници во кој ги внесува лицата регистрирани како даночни обврзници, како и лицата обврзници на даноци и јавни давачки кои ги наплатува Управата за јавни приходи, а не се должни да се регистрираат.

По регистрирањето, на лицата воведеи во Регистарот на даночни обврзници Управата за јавни приходи им доделува единствен даночен број (ЕДБ). За физичките лица кои не се должни да се регистрираат, како даночен број се користи единствениот матичен број на граѓанинот (ЕМБГ).

Related Posts

Scroll Up