Се што треба да знаете за договор за трговска продажба

Договорот за трговска продажба е еден од најчестите кои се применуваат во практиката и неговото постоење го овозможува непреченото одвивање на трговскиот промет.

Овој договор припага на групата договори кои овозможуваат стекнување сопственост.

За еден договор да може да се нарече трговски, неопходно е да бидат исполнети неколку услови:

  1. Таквиот договор да станал типичен за трговскиот промет или да се јавува масовно, секојдневно и во голем број;
  2. Склучувањето и извршувањето на ваквиот договор да е дел од редовната дејност на трговските субјекти;
  3. Предметот на договорот мора да биде промет со стока или вршење трговски услуги во врска со прометот со стока.

Договорот за продажба се склучува преку прифаќање на понудата за склучување на договорот, која претставува еднострана изјава на волја, предлог упатен до понуденото лице, кој ги содржи сите суштествени елементи  на договорот.

Формата на договорот во голем степен зависи од предметот на продажбата. Согласно овој критериум договорите можат да бидат формални или неформални, при што формата може да биде утврдена во самиот договор, или пак во законот.

Согласно Законот за облигациони односи, нагласено е дека продажбата може да се однесува на предмети и права. При тоа, доколку се продава предмет, продавачот со овој договор се обврзува на купувачот да му го предаде предметот така што тој ке стекне сопственост врз него, додека во ситуациите кога се продава право, обврска на продавачот е на купувачот да му го прибави тоа право, како и да му предаде предмет на држење доколку вршењето на правото го налага тоа.  Наспроти ваквите обврски на продавачот лежи обврската на купувачот да ја плати договорената цена.

При анализирање на договорот за продажба и неговото законско дефинирање, јасно се забележуваат неговите суштествени елементи: предметот и цената. Законодавецот прифака одредени критериуми позврзани со предметот на договорот за продажба и пропишува дека тој мора да биде возможен, дозволен, определен или определив, а дополнително, кај договорот за трговска продажба тој е специфично определен и мора да биде или промет со стока или вршење трговски услуги во врска со прометот со стока. Што се однесува до вториот суштествен елемент, цената, одредено е дека и таа мора да е определена или барем определива согласно податоците изложени во договорот.

Станува збор за двостранообврзувачки договор, што претпоставува дека двете договорни страни се стекнуваат со корелативни права И со обврски.

Така, обврските на продавачот се состојат од:

  • Предавање на предметот и тоа во договореното време и место, при што обврската се смета за извршена кога предемтот ке му се врачи на купувачот или пак ке му се предаде исправа со која предметот ке може да биде преземен.
  • Одговорност за материјалните недостатоци кои кај предметот постоеле во моментот на предавањето на купувачот, при што не е од важност дали на продавачот таквиот недостаток му бил познат. Материјалните недостатоци се сите пречки кои го оневозможуваат нормалното искористување на предметот согласно договореното. Продавачот може да одговара и за материјалните недостатоци кои настанале по преминување на ризикот за пропаст на стварта од продавачот на купувачот, дококу прицините за тоа можат да се пронајдат во периодот пред предавањето.

Во овој дел вреди да се спомене И гарантирањето за исправното функционирање на продадениот предмет, кога продавачот заедно со предметот предал и гарантен лист.

  • Одговорност за правните недостатоци (заштита од евикција), под кои би се вброило постоењето на право на трето лице кое го исклучува, намалува или ограничува правото на купувачот. Истата одговорност се јавува и при продажбата на право, во кој случај продавацот гарантира дека таквото право постои и дека нема пречки за негово остварување.

На страната на купувачот се јавуваат следните обврски:

  • Исплата на цената во времето и местото определено со договорот
  • Преземање на предметот на договорот

Related Posts

Scroll Up