Се што треба да знаете за договорите за закуп

Договорот за закуп е релативно популарен договор кој често може да се сретне во практиката.  Овој договор е дефиниран во Законот за облигационите договори преку наведување на обврските на секоја од договорните страни. При склучување на овој вид на договор како договорни страни се јавуваат закуподавецот и закупецот, при што закуподавецот се обврзува да му предаде на закупецот определен предмет на употреба, додека закупецот како противнадомест плаќа одредена закупнина.

Од ваквата дефиниција произлегуваат елементите на овој договор, односно предметот кој претставува – предавање на определена ствар на користење (употреба и уживање). Закупнината како еден од битните елементи на договорот кој го претставува надоместот кој се плаќа заради користењето на закупениот предмет и истата мора да биде договорена од страна на закуподавецот и закупецот, но не секогаш мора да биде паричен износ, туку може да се изрази и преку други ствари. Како последен елемент, но не и помалку важен елемент се јавува времетраењето на договорот кој не е пропишан согласно Законот за облигациони односи, но произлегува од самата природа на договорот за закуп и неможноста за постоење на вечен закуп.

Како предмет на овој договор може да се јави само непотрошна ствар, која нема да ги изгуби своите суштествени обележја со нејзината континуирана употреба и истиот не мора да биде во сопственост на закуподавачот.

Со склучување на договорот за закуп, секоја од договорните страни се стекнува со одредени права и обврски. Како обврски на закуподавецот се сметаат предавање на стварта во исправна состојба, во договореното време и место, одржување на стварта и надоместување на трошоците за одржување кои ги направил закупецот, а кои биле должност на закуподавецот и одговорност за материјалните и правните недостатоци.

Закупецот пак е обврзан да ја плати закупнината, согласно договореното, да го употребува предметот кој е под закуп на оној начин кој е предвиден со договорот и да го врати предметот во исправна состојба, како што му бил предаден.

Договорот за закуп согласно законот, може да престане на неколку начини и тоа: со  истек на времетраењето определено во договорот, премолчно обновување на закупот, при што стариот договор престанува да важи, а важност добива новиот договор, отказ, смрт на која било од страните, освен ако на нивно место не стапат наследниците, како и со пропагање на предметот на договорот поради виша сила.

Related Posts

Scroll Up