Штета, видови и надомест

Штета, според Законот за облигациони односи претставува намалување на нечиј имот и спречување на неговото зголемување, што се супсимира под поимот материјална штета, и повреда на личните права или нематеријална штета.

  1. Материјална штета

Материјалната штета претставува повреда на некаков имотен интерес, која може да биде во облик на уништување на некои ствари, или повреда во вид на оневозможување или отежнување на нивната употреба, поради што би било потребно да се направат трошоци кои не би биле направени ако не постои таа повреда. Материјалната штета се состои од:

  • Обична штета – намалување на имот и
  • Испуштена корист – спречување на зголемување на имотот, кое би можело да се очекува според редовниот тек на работите.
  1. Нематеријална штета

Нематеријалната штета е резултат на повреда на личните права дефинирани со Законот за облигациони односи, и тоа  правото на живот, телесно и душевно здравје, чест, углед, достоинство, лично име, приватност на личниот и семејниот живот, слобода, интелектуално творештво и други лични права. Правните лица ги имаат сите претходно наведени лични права, освен оние кои се врзани за биолошката суштина на физичкото лице, а особено правото на добар глас и углед, назив односно фирма, деловна тајна, слобода на претприемништво и други лични права.

 

Основно правило при надомест на материјална штета е воспоставување на поранешната состојба, а кога тоа нема да биде можно, надоместот се дава во пари. Нематеријалната штета се надоместува нематеријално – како нематеријална сатисфакција, во вид на објавување на пресуда или исправка, повлекување на изјавата и слично; и материјално – како материјална сатисфакција која се состои во справедлив паричен надомест. Кога се дава надомест на нематеријална штета, покрај нематеријалната сатисфакција, може дополнително да се бара и справедлив паричен надомест, ако околностите на случајот го дозволуваат тоа и ако судот одлучи дека тоа би било правилно.

Право да бара надомест на штета има секое физичко и правно лице кое се јавува како оштетено лице поради тоа што претрпело штета како резултат на определено штетно дејствие. Надомест се бара од лицето кое одговара за настанатата штета – штетникот, и тоа согласно условите за субјективна или објективна одговорност, уредени со Законот за облигациони односи.

Related Posts

Scroll Up