Што треба да знаете за прокура?

Еден од начините на кои трговците можат да настапуваат во правниот промет е преку прокурист, со употреба на прокурата како посебен вид на трговско полномошно кое е многу специфично во однос на останатите видови застапување.

Првично, она што е главно обележје на прокурата е фактот дека се работи за таков тип на трговско полномошно чии содржина и граници на овластувањата што се даваат со него се строго утврдени со закон, за разлика од случаите на обично трговско полномошно, каде овластувањата се определуваат од страна на властодавецот.

Втора карактеристика, специфична за прокурата е дека таа се дава само во трговскиот промет, а не и за други правни односи. Ваквата поставеност е поврзана со законската одредба дека давател на прокура може да биде само лице кое има својство на трговец, без разлика дали станува збор за трговец поединец или пак трговско друштво. Дополнително, интересен е фактот што строго е регулиран  и начинот на кој се дава прокурата: онака како што е определено во основачкиот акт на друштвото и уште повеќе, секогаш во писмена форма.

Прокурата има два појавни облика: поединечна и групна
  • – Поединечна прокура е онаа која се дава на едно физичко лице, или пак на повеќе физички лица истовремено, но секој од нив самостојно го застапува давателот на пркурата, согласно законските овластувања;
  • – Групна прокура е онаа која се дава заеднички на повеќе физички лица, при што во самата прокура изречно се наведува дека станува збор за групна прокура, а како последица на што сите дејствија мора да бидат преземени со заедничка согласност на сите прокуристи.

Што се однесува до примателот на прокурата, односно прокуристот, тој може да биде било кое деловно способно лице, при што односите меѓу прокуристот и давателот на прокурата вообичаено се уредуваат со нивен меѓусебен договор. Прокурата не може да се даде на правно лице. Прокуристот иако настапува на местото на давателот на прокура, тој не се смета за странка во постапките во кои настапува

Законот за трговски друштва концизно го одредува обемот на овластувања кои произлегуваат од прокурата така што пропишува дека прокуристот може:

  1. Да склучува договори и да ги врши сите други правни работи и дејствија во име и за сметка на трговското друштво во рамките на предметот на работење на друштвото;
  2. Да го управува претпријатието;
  3. Да го застапува друштвото во управни и други постаплки пред државни органи, организации, установи со јавни овластувања, како и пред судовите.

Меѓутоа, прокуристот не може:

  1. Да отуѓува и оптоварува недвижности на трговското друштво
  2. Да дава изјави, да склучува правни работи, да презема правни дејствија кои би предизвикале стечајна постапка или престанок на друштвото
  3. Да дава полномошно за склучување договори и други правни работи на друго лице.

Со цел сигурност во правниот промет, но и заштита на давателот на прокурата, така што при секој потпис што го става прокуристот, покрај своето име додава и назнака со која јасно обележува дека е прокурист.

Дополнителна правна заштита се обезбедува преку уписот на прокурата, и тоа нејзиното давање, огараничување и отповик во трговскиот регистар, каде се внесуваат лични податоци за прокуристот и одлука за давање, ограничување или отповик на прокура.

Прокурата трае се` додека не биде отповикана. Таа може да се отповика во секое време, без оглед на правниот основ врз кој била дадена.

 

Related Posts

Scroll Up