Што значи забрана за конкурентско дејствување?

При склучување на договорот за вработување, работникот се стекнува со низа права и обврски. Една од обврските кои ги пропишува Законот за работни односи е забраната за конкурентско дејствување. Повеќе на оваа тема од експертите на Consulting Inter Group

Забраната за конкурентско дејствување има два појавни облика:

Законска забрана за конкурентско дејствување, која се именува како конкурентска забрана. Зборот на законот, под конкурентско дејствување го подведува однесувањето на работникот кое значи вршење и склучување во свое име и за своја сметка работи кои спаѓаат во дејноста на работодавачот, за времетраењето на работниот однос, без претходно да е обезбедена согласност од работодавачот. Ваквото однесување е забрането и пропишана е можност за работодавачот да бара надомест за штетата која ја претрпел поради таквото однесување на работникот, во границите на посебно регулирани рокови.
Договорна забрана за конкурентско дејствување, која вообичаено е позната како конкурентска клаузула. Законот за работни односи ја регулира можноста при формулирање и склучување на договорот за вработување, да биде предвидена забрана за вршење конкурентско дејствување на работникот по престанокот на работниот однос, а во случај тој во текот на работата да се здобива со технички, прозводствени, деловни знаења и врски. Ваквата забрана е ограничена, и тоа временски на две години по престанокот на работниот однос по волја или вина на работникот, при што не смее да ја исклучува можноста за вработување на работникот, а во поглед на формата, мора да е писмено изразена.logo-penka

Иако конкурентската клаузула е строга обврска за работникот, Законот предвидува механизам и за негова заштита, преку одредбата која пропишува дека на работникот му следува соодветен надомест од страна на работодавачот доколку тој ја почитува забраната за конкурентско дејствување, а поради тоа му е намалена или оневозможена соодветна заработка.

Во поглед на престанокот на конкурентската клаузула, можен е нејзин спогодбен престанок, доколку работникот и работодавачот се договорат клаузулата да престане да произведува правно дејство. Дополнително, работникот може да му даде писмена изјава на работодавачот во рок од еден месец од престанокот на работниот однос, во која ќе изјави дека договорот не го обврзува, со што ќе престане дејството на конкурентската клаузула, но само под услов работникот да го откажал договорот за вработување затоа што работодавачот ги кршел одредбите на договорот.

Забраната за конкурентско дејствување е корисен механизам за обезбедување фер игра на пазарот на трудот, меѓутоа при нејзината примена исклучително важно е да се внимава да се почитуваат принципите на кои таа се заснова и целите кои треба да ги постигне: оневозможување на работникот да ги искористи знаењата кои ги стекнал кај работодавачот за своја корист и да се јави како негова директна конкуренција. Меѓутоа, мора да се внимава и работодавачот да не ја злоупотребува ваквата можност и да му пречи на работникот при неговите идни професионални походи. Затоа, важно е сите заинтересирани страни да бидат добро запознаени со елементите на забраната за конкурентско дејствување, со цел да се обезбеди нејзина балансирана употреба.

Blog Attachment
  • logo-new

Related Posts

Scroll Up