Социјално претприемништво

Бизнис практиката и новите трендови, полека но сигурно, го воведуваат на сé поголема врата социјалното претприемништво и социјалното претпријатие. Како правнa појава, социјалното претприемништво има огромен потенцијал, поради што важно е да се направи кратка анализа на неговите основни карактеристики.

Доколку се обидеме да го дефинираме социјалното претприемништво, најпрактично е да се почне од фактот дека тоа претставува организирана дејност која има за цел да креира можности, облици, организации и мерки кои како резултат продуцираат одржливи општествени вредности и корисности преку вработување на лица во производство и продажба, при што добивката примарно се користи за вработување на социјално исклучени или ранливи општествени групи, како и за креирање решенија за потребите и проблемите во општествената заедница. Од вака наведената дефиниција, се продуцира заклучокот дека социјалното претпријатие, како правно лице кое делува во социјалната економија, наместо вообичаената деловна настроеност кон креирање добивка, ориентирано е кон создавање општествен импакт преку импплементирање иновативни методи за обезбедување добра и услуги на пазарот. Дополнителна карактеристика на социјалното претпријатие е и општата вклученост не само на сопствениците и одговорните лица, туку и на вработените и  потрошувачите во комерцијалните активности кои ги презема.

Уште еден начин за правилно перцепирање на значењето на социјалното претприемништво е преку изложување на неговите основни цели:

  • Јакнење на социјалната солидарност и кохезија;
  • Промовирање на користа од вклучување во работи од јавен интерес и волонтерска работа;
  • Поттикнување на иновативно размислување во процесот на решавање на општествените проблеми;
  • Креирање широка палета на производи и услуги од јавен интерес;
  • Отворање нови можности за вработување и нови работни места;
  • Развивање на социјални иновации;
  • Воспоставување можност за реинтеграција на ранливи групи на пазарот на трудот.

Конечно, социјалното претпријатие игра голема улога и во поглед на категоријата на лица кои имаат најголема корист од  неговото постоење:

  • Лица кои се работно способни и на кои им е потребна помош и поддршка за самостојно и продуктивно вработување;
  • Лица кои остваруваат права или услуги според прописите од системот на социјална заштита;
  • Невработени лица според прописите од областа на вработувањето;
  • Лица на кои им е потребна помош и поддршка за решавање на социјални, економски и други потреби;
  • Лица во состојба на социјален ризик на кои им е потребна помош и поддршка за нивна социјална инклузија.

Related Posts

Scroll Up