Статусни промени на трговските друштва

,,Статусни промени” претставуваат процес на присоединување, спојување и поделба на трговските друштва на начинот и според условите утврдени со Законот за трговски друштва.

Присоединување на трговските друштва означува пренос на целокупниот имот и обврски на едно друштво, кое се нарекува друштво што се присоединува, кон друго друштво – друштво што презема.

Спојување на друштва е процес на создавање на нов ентитет, наречен друштво – корисник, на кој преминува целокупниот имот и обврски на друштвата што се спојуваат.

Поделба на друштвото е посложен процес на делење на целокупниот имот на едно друштво кој може да се спроведе на повеќе начини. Еден од начините е кога со поделба на друштвото се пренесува целокупниот имот. Тоа може да биде:

  • Раздвојување со основање, каде со поделбата на постоечкото друштво се создаваат најмалку две или повеќе нови друштва;
  • Раздвојување со преземање, при што друштвото што се дели го пренесува целокупниот имот на две или повеќе постојни друштва.

Поделбата на друштвото може да се направи и со пренос на само дел од неговиот имот, и тоа со:

  • Издвојување со основање – дел од имотот на друштвото се пренесува на едно или повеќе новоосновани друштва, или
  • Издвојување со преземање – дел од имотот на друштвото се пренесува на едно или повеќе постојни друштва.

Со поделба може да се направат и најразлични варијации, како пренесување на сиот имот или на дел од имотот и на обврските на друштвото што се дели на нови друштва и на постојни друштва (комбинирана поделба со раздвојување со основање, раздвојување со преземање, издвојување со основање и со издвојување со преземање).

Услов за да може да се изврши една статусна промена е за тоа да се донесе одлука. За присоединување одлучуваат друштвото што се присоединува и друштото што презема. За спојување одлучуваат друштвата што се спојуваат, а за поделба одлучува друштвото што се дели, како и друштвото што презема, зависно од тоа каков вид на поделба се прави.

Со статусните промени – присоединување, спојување, поделба и нивните комбинации, друштвото престанува без да се спроведува ликвидација, иако Законот дозволува да се прават вакви статусни промени и на друштва за кои е донесена одлука за ликвидација, под услов да не е започната распределбата на имотот на друштвото, и тогаш кога е отворена стечајна постапка заради реорганизација на стечајниот должник,  односно тоа да е утврдено во планот за реорганизација на стечајниот должник.

Последица на статусните промени е универзален пренос на имотот на друштвото вклучувајќи ги и обврските на друштвото, на новооснованите друштва и друштвата што преземаат. Тоа значи дека новооснованите друштва и друштвата што преземаат стануваат солидарни должници на доверителите на друштвата коишто се присоединиле, споиле или се поделиле. Но, тоа може да биде и предмет на меѓусебен договор, така што обврските на друштвото кое се дели ќе ги преземе целосно новооснованото или друштвото што презема, а друштвото што се дели да биде супсидиерен солидарен должник на своите доверители.

Законот не познава пречки за овие видови на статусни промени да се спроведат меѓу друштва со различни форми.

Blog Attachment
  • time-for-change-clock

Related Posts

Scroll Up