СТОП НА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНАТA

Го пишуваме овој текст со исклучителна сериозност и со апел до сите наши пријатели, соработници и клиенти активно да се вклучат во битката за спречување и стопирање на насилството врз жената, како еден од сé уште актуелните проблеми на денешницата.

КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП се сплотува со мисијата на Организацијата на жени на град Скопје за заеднички да го направиме насилството видливо и истото да го откорениме и отстраниме. Избраниот метод е преку запознавање на што поголем број граѓани за постоењето и функционирањето на Националната СОС линија за жртви на семејно насилство, достапна на 02/15 700.

Оваа Национална СОС линија за жртви на семејно насилство (02/15 700) постои од 1994 година. Жените кои посветено и со силен елан работат на неа, секојдневно обезбедуваат индивидуална и институционална поддршка за жртвите на семејно насилство.

Како семејно насилство се квалификува секое физичко повредување, заканување и заплашување со оружје, психичко малтретирање, омаловажување, наметнување сопствена волја со негирање на потребите на жртвата, одземање на финансиски средства, принудување на сексуален однос, недавање развод и покрај инсистирањето на жртвата.

Националната СОС линија за жртви на семејно насилство (02/15 700) функционира преку правно и психо-социјално советување на жртвата, поврзување со сите надлежни органи и институции, сместување во привремено засолниште и дури и со интервенција во полиција или брза помош доколку е потребно.

Досегашното искуство покажува дека потребата од оваа СОС линија е непроценлива и неретко, таа обезбедува најбрза асистенција во критичните моменти.

Од таа причина, КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП со сите свои капацитети ги поддржува активностите на Националната СОС линија за жртви на семејно насилство (02/15 700), и тоа како финансиски, така и преку промоција на нивната работа, а со цел постигнување што поголема видливост во јавноста. Дополнително, на нашата веб-страница ќе биде поставен бројот на СОС линијата – 02/15 700.

Заеднички можеме да го надминеме проблемот на насилството. Помогнете си себе си и помогнете му на Вашиот близок. Притоа запомнете дека не сте сами и дека решение постои на 02/15 700.

 

 

 

 

Related Posts

Scroll Up