Трговска марка

Согласно Законот за индустриска сопственост, трговската марка е право од индустриска сопственост стекнато во постапка согласно со закон со кое се штити трговски знак.

Трговската марка е корисна за заштита на знак кој може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките или услугите на индивидуалните учесници на пазарот. Знаците кои се подобни за разликување, а кои се штитат со трговска марка, може да бидат: зборови, букви, бројки, слики, цртежи, комбинации на бои, тродимензионални форми, вклучително и форми на стоките или нивните пакувања, како и комбинациите на сите погоре наведени знаци.

Целта на постоењето на трговската марка е да ги дистингвира стоките или услугите меѓусебно, а со тоа да придонесе до нивна препознатливост кај потрошувачите.

Пoстапката за стекнување на право на трговска марка се поведува и се води пред Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија (ДЗИС), како самостоен орган на државната управа надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и заштитата на правата од индустриска сопственост.

Почетен чекор во постапката за стекнување на право на трговска марка претставува поднесувањето пријава на трговска марка, која пријава може да биде поднесена како од физичко, така и од правно лице. Притоа, значаен е фактот дека со една иста пријава на трговска марка за еден ист знак може да се бара заштита за повеќе производи и услуги.

Доколку се утврди дека пријавата на трговска марка е поднесена во согласност со законските одредби, подносителот на пријавата стекнува право на првенство од датумот на поднесување на пријавата во однос на секој друг кој за идентичен или сличен знак и за идентични или слични производи или услуги подоцна ќе поднесе пријава.

По спроведување на комплетната постапка, се стекнува правото на трговска марка преку донесување на решение за признавање на правото и со упис на трговската марка во регистарот од страна на ДЗИС.

Стекнувањето на правото на трговската марка на нејзиниот носител му овозможува низа права:

  • Да ја користи марката во прометот за означување на своите стоки односно услуги;
  • Покрај трговската марка да го употребува симболот “®”;
  • Да забрани користење во прометот од страна на трети лица без негова согласност знак кој:

1) Е идентичен со трговската марка за идентични производи или услуги;

2) Е идентичен или сличен со трговската марка за идентични или слични производи или услуги доколку таквата сличност може да создаде забуна кај просечниот потрошувач, вклучително и можност од асоцијација меѓу знакот и трговската марка и

3) Е идентичен или сличен со трговската марка за различни производи или услуги, доколку трговската марка има репутација во Република Македонија и доколку употребата на тој знак без оправдана причина претставува нелојална конкуренција или му штети на дистинктивниот карактер или репутацијата на трговската марка.

4) Забраната од претходната точка опфаќа и:

  • Ставање на знакот на производите или на нивните пакувања;
  • Давање услуги или пуштање во промет производи одбележани со тој знак или складирање на производи со таква намера;
  • Увоз или извоз на производи под тој знак и
  • Користење на знакот при кореспонденцијата, огласувањето и рекламирањето.

Меѓутоа, правото на трговската марка  со себе носи и одредени ограничувања. Имено, трговската марка не му дава право на носителот да им забрани на трети лица употреба во стоковиот промет на нивните имиња, презимиња, знаци или трговски имиња, адреси, престојувалишта, податоци кои се однесуваат на видот, квалитетот, количеството, намената, вредноста, географското потекло, датумот на производство на стоките или давањето услуги, или кое било друго обележје на стоките, без оглед на фактот што тие податоци се идентични или слични со трговската марка, или претставуваат нејзини делови, под услов да се користат во согласност со добрите деловни обичаи. Исто така, трговската марка не му дава право на носителот да им забрани на трети лица употреба во прометот на знак кој е идентичен или сличен со трговската марка ако е тоа потребно заради одбележување на намената на производите, особено на нивните резервни делови или видот на услугите кои се даваат под услов таквата практика да не доведува до нелојална конкуренција.

Во поглед на временското важење на правото на трговската марка, Законот предвидува дека таа важи десет години сметајќи од денот на поднесување на пријавата, при што тоа важење може да се продолжува неограничен број пати и тоа за период од по десет години, под услов носителот на правото во текот на последната година од десетгодишното важење или најдоцна девет месеци од истекот на важењето до Заводот да поднесе барање за продолжување на важењето на трговската марка и да ги уплати соодветните такси и трошоци на постапката.

Трговската марка прејудицира една исклучителна важна обврска за нејзиниот носител, кој е должен заради одржување на трговската марка во важност, да ја користи во прометот на стоките и услугите за кои таа е регистрирана.

Конечно, трговската марка престанува да важи во следните случаи:

1) Кога носителот на правото без оправдани причини не ја користи трговската марка за означување на производите, односно услугите на кои таа се однесува подолго од пет години непрекинато од денот на уписот на трговската марка во регистарот на трговски марки, односно од денот кога трговската марка била последен пат користена;

2) Кога поради неактивност на носителот на правото станала вообичаено име во прометот за производите, односно услугите за кои е регистрирана;

3) Кога поради начинот на употреба од страна на носителот на правото или со негово одобрение, за стоките и услугите за кои е регистрирана, може јавноста да ја доведе во заблуда во поглед на видот, квалитетот или географското потекло на тие стоки или услуги, и

4) Кога колективната трговска марка се користи спротивно на општиот акт или договор за колективна трговска марка.

Related Posts

Scroll Up