Трговски полномошник и трговски патник

Законот за трговски друштва предвидува неколку видови застапување како начин на манифестација на деловната способност на трговските друштва, меѓу кои се јавуваат и трговскиот полномошник и трговскиот патник.

А. ТРГОВСКИ ПОЛНОМОШНИК

Трговски полномошник е лицето кое без разлика на фактот дали е во работен однос во трговското друштво, има  овластување од страна на застапниците по закон на трговското друштво да го води истото во целост или делумно. Ваквото водење на друштвото мора да биде во согласност со границите одредени со полномошното, кое пак мора да биде дадено во соодветна форма.

Трговскиот полномошник ужива повеќе овластувања, при што најкарактеристична е можноста тој да ги склучува сите договори и да ги презема сите правни дејствија што се вообичаени во прометот при водењето на претпријатието или на негов дел, а кои не ги нарушуваат граничните рамки поставени со даденото полномошно.

Овластувањата на трговскиот полномошник подлежат на ограничувања кои се јасно одредени со Законот за трговски друштва. Така, трговскиот полномошник не може, без посебно овластување од давачот на полномошното, да ги отуѓи ниту да ги оптовари неговите недвижности, да го обврзе со меница или со чек, да презема обврски од гаранција, да земе заем во име на овластувачот, да договори надлежност на избран суд и да се спогодува или да води спор.

Со цел јасно прецизирање на позицијата на трговскиот полномошник во односите во кои влегува, тој задолжително покрај својот потпис, додава и назнака дека настапува во својство на полномошник.

 

Б. ТРГОВСКИ ПАТНИК

Трговскиот патник е лице кое е вработено во одредено трговско друштво или пак трето лице на кое трговското друштво со полномошно во писмена форма го овластува во име и за сметка на давачот на полномошното да склучува договори за продажба на неговата стока, да ја испорачува таа стока, да ги прима изјавите на купувачите во врска со стоката што е предмет на тие договори, да дава изјави и да презема други дејствија заради зачувување на правата на давачот на полномошното што произлегуваат од договорот што го склучил од негово име и за негова сметка.

При тоа, овластувањето на трговскиот патник е ограничено со законска одредба која предвидува дека трговскиот патник не може, без посебно овластување, да продава стока што се плаќа на почек или на рати.

Related Posts

Scroll Up