Управување со друштво со ограничена одговорност

Законот за трговски друштва во однос на управувањето и застапувањето на друштвото со ограничена одговорност го предвидува постоењето и функцијата на управител на друштвото кој се запишува во трговскиот регистар, заедно со неговото овластување за застапување, а со цел правна сигурност на третите лица кои влегуваат во деловен однос со застапуваното друштво.

При тоа, со друштвото може самостојно да управува еден управител, или пак улогата на управување и застапување да им биде дадена на повеќе управители. Во ситуациите кога друштвото има тројца или повеќе управители, начинот на нивното работење прецизно се уредува со договорот за основање на друштвото, а доколку таква определба не е направена, Законот за трговски друштва содржи норми кои го насочуваат модусот на нивно работење. Во секој случај, без оглед на фактот дали управителската фнкција е извршувана од едно или од повеќе лица, законот за трговски друштва предвидува ограничување во поглед на општите услови кои мора да бидат исполнети:

  • Избраното физичко лице како управител мора да има деловна способност;
  • Избраното физичко лице како управител не смее да има целосна или делумна забрана, поставена преку правосилна судска одлука, за вршење професија, дејност или должност поврзана со функцијата управител за целотото време на траење на забраната.

Одлуката за избор на управител ја носат содружниците на друштвото. Во поглед на мандатот на управителот, законот за трговски друштва предвидува различен режим во зависност од следните ситуации:

  • Доколку на позицијата управител се назначи лице кое е содружник во друштвото, мандатот трае сé додека трае и содружничкиот однос;
  • Доколку управителот е назначен со договорот за основање на друштвото, мандатот може да биде определен во самиот договор;
  • Доколку во договорот за основање на друштвото не е определен мандатот, се смета дека управителот, кој не е содружник, е избран за времетраење од четири години.

Уште една значајност во овој поглед е неограниченоста на бројот на мандати на управителот, освен во случаите кога такво ограничување е поставено со договорот за основање на друштвото.

Во обидот поблиску да се определат овластувањата на управителот, вреди да се напомене дека тие се определуваат со договорот за основање на друштвото. Во спротивно, тој може да ги презема сите правни работи и дејствија што се поврзани и вообичаени за водењето на работите и што се во интерес на друштвото. Управителот ужива овластување за застапување на друштвото во односите со третите лица, кое се манифестира така што управителот, при потпишувањето, по наведување на фирмата на друштвото, го назначува својот статус на управител и го става својот потпис.

Управителот, во своето работење е должен да ги води работите на друштвото со внимание на уреден и совесен трговец и да ги чува деловните тајни на друштвото и е лично и неограничено одговорен, а ако друштвото има двајца или повеќе управители тие одговараат и солидарно, спрема друштвото и спрема третите лица за работењето спротивно на одредбите на законот и другите прописи и за непочитувањето на договорот за основање на друштвото.

Во однос на престанокот на функцијата управител, релевантни се неколку законски решенија. Согласно законот за трговски друштва, управителот може, во секое време, да биде отповикан со одлука на содружниците, со или без образложение. Доколку управителот е истовремено и содружник, останатите содружници имаат право да поднесат предлог до надлежниот суд, кој носи одлука за отповикување на управителот.

Управителот може да поднесе оставка во кое било време со поднесување писмено известување до сите содружници, ако интересите на друштвото не наложуваат нешто друго, при што се смета дека мандатот престанува со денот што е назначен во оставката. Доколку содружниците утврдат дека друштвото има интерес да се продолжи управителскиот мандат, можат да го обврзат управителот да ја врши функцијата до избор на нов управител, но не подолго од 30 дена.

Конечно, управителот се брише и од трговскиот регистар.

 

Related Posts

Scroll Up