Видови даноци и нивни карактеристики

Најопшто дефинирано, даноците се јавен приход кој произлегува од обврската на сите даночни обврзници кон државата – физички и правни лица, задолжително да издвојуваат дел од својот приход, промет или имот. Даноците се присилни и задолжителни парични давачки кои се наметнати од државата со закон, без директни противуслуги, а кои понатаму се користат за финансирање на јавните расходи, од кои најпрво се финансираат јавните функции и државните потреби, а потоа се користат и за постигнување на определени економски и социјални цели.

Постојат неколку видови на даноци: Данок на добивка, Персонален данок на доход, Данок на додадена вредност и Данок на имот. Сите тие се уредени со посебни закони.

  1. Данок на добивка е данок што го плаќаат сите домашни и странски, физички и правни лица што извршуваат некаква регистрирана дејност на територијата на Република Македонија. Данокот на добивка се плаќа врз основа на остварената добивка за претходната финансиска година.
  2. Персонален данок на доход е данок кој го плаќаат физичките лица на вкупниот доход кој го оствариле во Р. Македонија или во странство. Овој данок се плаќа врз најразлични основи како плати, приходи од самостојна дејност, приходи од имот и имотни права (закупнина) или авторски права и права од индустриска сопственост, приходи од капитал (дивиденди, камати) и капитални добивки (хартии од вредност), добивки од игри на среќа и други слични примања.
  3. Данок на додадена вредност е општ потрошувачки данок кој се пресметува и плаќа во секоја фаза на производство, трговија и услужни дејности. Предмет на оданочување е прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност и увозот на добра. Даночни обврзници се физички и правни лица кои вршат дејност на територијата на Р. Македонија и кои оствариле вкупен промет над 1.000.000 денари. ДДВ се пресметува со пропорционални даночни стапки од 18% и 5%.
  4. Данок на имот се плаќа од страна на физички и правни лица што се сопственици или корисници на недвижен имот, освен за оној имот што е со закон ослободен од плаќање. Постојат 3 вида даноци на имот, и тоа: данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности.

За сите видови даноци може да се издвојат четири заеднички елементи:

Даночен објект е првиот заеднички елемент на даноците. Тој го претставува предметот на оданочување, и според него тие се делат на данок на приход, данок на имот, данок на доход и данок на потрошувачка;

Вториот елемент е даночниот субјект, т.е. даночниот обврзник – физичко или правно лице на кое паѓа товарот за плаќање даноци;

Даночната основа е обем и износ од предметот на оданочување врз кој се пресметува данокот. Таа е определена за секој данок посебно;

Даночната основа е поврзана со даночната стапка во процесот на пресметување на данокот. Даночната стапка се пресметува како процент од даночната основа, и така се добива делот кој треба да се плати во вид на данок. Постојат неколку видови даночи стапки: пропорционални даночни стапки –кои не се менуваат со промена на даночната основа; прогресивни – кои се менуваат со промена на даночната основа и регресивни – кои се намалуваат со зголемување на даночната основа.

За сите видови на даноци има одредени даночни ослободувања, намалувања, олеснувања или поттикнувања. Видовите на даночни ослободувања, условите и постапката за нивно остварување се детално уредени со посебни закони.

Blog Attachment
  • tax-brackets-tips-income-financial-planning-taxes-irs_large

Related Posts

Scroll Up