Здруженија

Законот за здруженија и фондации го предвидува здружувањето во здруженија како еден од начините на остварување на правото на слободно здружување.

Здруженијата се основаат од страна на физички или правни лица, при што Законот пропишува минимална граница во однос на бројот на основачи, односно, здруженијата можат да бидат основани од најмалку пет основачи, од кои барем тројца мора да имаат живеалиште/престојувалиште или седиште на територијата на Република Македонија.

Постапката за  основање на здружение започнува со одржување основачко собрание, на кое се носат најважните документи за регистрирање и функционирање на здружението. При тоа, Статутот на здружението е највисок акт кој детално ги уредува основните белези и начинот на работа на здружението.

Една од главните карактеристики на здруженијата е нивното членство, кое е доброволно. За соодветна евиденција на членовите, здружението е должно ажурно да води регистар на членови.

Како органи на здружението се издвојуваат неговото собрание и застапникот по закон (претседател).

Од исклучително значење за функционирањето на здружението е начинот на негово финансирање. Законот за здруженија и фондации предвидува дека здруженијата средствата за финансирање ги стекнуваат од членарина, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со статутот. Дополнително, здруженијата можат да добиваат и средства од буџетот на Република Македонија, буџетите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, под точно определени услови.

Конечно, во поглед на начинот на распределба и употреба на финансиските средства на здружението, значајно е да се напомене дека тие се употребуваат единствено за остварување на целите на здружението определени со статутот и програмата, при што членовите и застапниците по закон на здружението се должни да управуваат и работат со внимание и во согласност со начелата на добро управување, во интерес на остварување на поставените цели на здружението.

Related Posts

Scroll Up