Зголемување на основна главнина во Друштво со ограничена одговорност (ДОО)

Основната главнина во Друштвото со ограничена одговорност не може да биде помала од 5000 евра во денарска противредност, според средниот курс на таа валута којшто е објавен од Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата, освен ако основачите не се договориле тоа да биде денот на потпишувањето на договорот за друштвото, односно на изјавата за основање на друштвото.

Зголемување на основната главнина се врши со одлука на собирот на содружниците што има карактер на одлука со којашто се врши измена на договорот за друштвото. Зголемување на основната главнина може да се врши со преземање нови влогови или со внесување на резервите и на добивката на друштвото во основната главнина.  Основната главнина може да се зголеми само ако сите поранешни влогови се уплатени во целост.

Со одлуката за зголемување на основната главнина се определуваат: износот на зголемувањето на основната главнина, начинот на кој лицата кои ќе преземат влог ќе учествуваат во распределбата на добивката и од кога во деловната година во којашто е зголемена основната главнина ќе го остваруваат ова право, износот на делот од основната главнина што треба да се уплати пред поднесувањето на пријавата за упис во трговскиот регистар, рокот во кој треба да се уплатат влоговите и начинот на плаќањето, видот на непаричните влогови, ако зголемувањето се врши со внесување непарични влогови, дополнителните обврски и другите услови под
коишто се врши зголемувањето на основната главнина.

Ако зголемувањето на основната главнина се врши со внесување непарични влогови, тоа мора изречно да се одреди со одлуката за зголемување на основната главнина, при што мора да се определи рокот во кој мора да се внесат непаричните влогови. Непаричните влогови мораат да се внесат во друштвото пред да се поднесе пријавата за упис на зголемувањето на основната главнина во трговскиот регистар.

Одредбите од Законот за трговски друштва кои се однесуваат за најнискиот износ на влог, начинот на уплата, пристигнувањето на уплатата на влогот, како и за правните последици од доцнењето на уплатата, се применуваат и врз новите влогови.

Related Posts

Scroll Up