Зошто се важни правните консултации при склучување на договори

Доколку сте сопственик на бизнис, добро познат Ви е фактот дека договорот кој е заснован на ракување и ветување често е предуслов за неуспех! Склучувањето на договор наметнува потреба од голема внимателност од договорните страни, како во поглед на формата, така и во однос на содржината.

Договорот е основна алатка на секој деловен потфат бидејќи ги содржи суштествените елементи кои се основ за успешно остварување на посакуваната цел. Тој е темел на кој почива односот кој ќе се развива понатаму, почнувајќи од определување на структурата на правата и обврските на договорните страни кои произлегуваат од неговата содржина, условите и роковите под кои ќе оперира и ќе се развива еден бизнис, преку фиксирање на трошоците кои се од огромно значење за управување на бизнисот, па сé до определување што ќе добие секоја од договорните страни од меѓусебниот однос. Тоа од своја страна го детерминира пристапувањето на страните во договорена релација.

Погоре изнесеното продуцира едноставен заклучок: кога се склучуваат договори, повеќе од препорачливо е во писмена форма да се прецизираат меѓусебните права и обврски.

Уште повеќе, некои од договорите апсолутно МОРА да бидат склучени во писмена форма за да бидат извршени, примерно: договор за продажба на недвижност, договор за дар на недвижност, договорот за гаранција, договор за кредит, договор за градење, договор за лиценца.

Писмената форма на договорот не е помалку важна од содржината, бидејќи истата не само што придонесува за полесно извршување, туку е и одбранбен механизам во случај на недостатоци во исполнувањето на другата страна. Ваквата доказна и заштитна функција на писмената форма ултимативно придонесува кон избегнување на долги судски постапки, а со тоа и гарантира заштеда на време и пари.

Поради сето наведено, правниот совет е неопходен пред да се склучи обврзувачки договор, не само затоа што договорите често содржат клаузули кои се неразбирливи за лица кои не се детално запознаени со правните принципи, туку и затоа што само со претходен правен совет се обезбедува сигурноста и заштитата на договорната страна.

Со цел да ја обезбедите таа сигурност дека склучувате договор кој на вистински начин ќе ги оствари Вашите очекувања и цели, ангажирајте правен консултант. Правниот консултант е тој кој успешно ќе Ве води низ преговарачкиот процес како почетна фаза на секој деловен потфат.

Дополнително, правниот консултант ќе Ви помогне да ги избистрите Вашите цели и ќе Ве советува како истите да ги преточите во договор во согласност со правните одредби, ќе Ви ги посочи важните бизнис информации кои сакате да ги заштитите поради нивната интегралност за Вашиот успех во бизнисот. Правниот консултант ќе Ве посоветува и во насока на тоа дали треба договорот да биде изменет, раскинат или пак продолжен и обновен по истекот на неговата важност.

Затоа, пред да склучите договор, осигурајте се дека како поддршка го имате вистинскиот тим од експерти кои со своето знаење ќе Ве доведат до посакуваната цел на брз, ефикасен, ефективен и квалитетен начин, со минимални ризици и целосна посветеност на Вашите потреби.

Blog Attachment
  • legal

Related Posts

Scroll Up