Еднакви

Пенка Мукаетова е сопственичка и Генерална менаџерка на Консалтинг интер Груп, консултантска компанија специјализирана за деловно и корпоративно право, со докажана експертиза од областа на правен и економски консалтинг. Консултантска компанија која е синоним за комплетен правен сервис која обезбедува целосна правна поддршка, основана е 2011 година, нуди услуги од повеќе области на правото деловно право, интелектуална сопственост, корпоративно право, финансиски консалтинг и пристап до финансии.

Еднакви.мк: Во 2018 година бевте добитничка на наградата „Дама на годината“ од страна на здружението „Дете во срцето“. Што за Вас претставуваше добивањето на оваа награда?

Пенка Мукаетова: Во 2018 година бев добитничка на две награди, подеднакво важни за мене. Едната за најуспешна жена менаџерка во својата област од страна на „Агенција Марили“ и другата интернационална „Дама на годината“ од страна на здружението „Дете во срцето“ како единствен лауреат од нашата држава. Иако наградите дојдоа сосема неочекувано, ми беа пријатно изненадување и голем поттик за панатаму. Морам да признаам, дека оттогаш комплетно се смени целиот правец на водењето на мојот бизнис и ништо не беше исто како претходно. Се разбира зборувам за една позитивна пресвртница, комплетна промена на клиентелата, многу брзо станавме препознатливи по тоа што го работиме, а оттука и  поголема одговорност, за тоа кај што сме денес.

Еднакви.мк: Културата на користење консултантски услуги сеуште не е доволно развиена кај нас. Какви се предизвиците со кои се соочувате при развивање и управување на Вашиот бизнис?

Пенка Мукаетова: Последните неколку години веќе полека се менуваат трендовите, така да сѐ поголема е потребата од консултанската поддршка, особено во делот на изработка на проектите за пристап до финансии. Секако и помладата генерација веќе не сака да губи време, кога станува збор за раст и развој на самите бизниси и уште пред започнувањето на истиот ангажираат консултант.

Еднакви.мк: Вашата компанија започнува да работи на проекти периодов. Може ли да ни кажете нешто повеќе за нив?

Пенка Мукаетова: Во 2018 година добивме акредитација од страна на УСАИД, за заштита на деловниот еко систем, во делот за пристап до финансии на микро, мали и средни компании. Ги работиме сите јавни повици кај нас, преку ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновациите и технолошки развој, старт-ап програми,  ИПАРД2 програмата за развој на рурални средини, државни програми за поддршка, кредити, па до сите пристапни фондови, финансиски и државни институции.

Еднакви.мк: Вие сте една од ретките жени менаџери во приватниот сектор. Како стигнавте дотука и кои Ви беа главните пречки?

Пенка Мукаетова: Годинава одбележуваме мал јубилеј, 10 години постоење на КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП.  Знаете како, кога имате јасно поставени цели, ниту една пречка на патот не може да ве отргне од нив. Од друга страна па доколку нема пречки, треба да знаеме дека не сме на вистинскиот пат. Не е битно со какви предизвици ќе се соочите, битно е како вие ќе се справите со нив. Ова е ера на доживотно учење, колку повеќе вложуваме во себе, како менаџери, а исто така вложуваме и во својот тим, толку се повидливи резултатите. Вербата во себе, упорноста и постојано следење на потребите на пазарот, креирање на услугите врз основа на тоа, начинот на работа кој го наметнавме како комплетен правен сервис, со минимална вклученост на клиентот е она што не позиционираше на лидерското место на консултантската дејност кај нас. Сакам да истакнам дека својот пат секој треба сам да си го изоди, без оглед на помошта и поддршката која им стои на располагање, доколку сам не се видиш каде сакаш да бидеш и не работиш паметно, никој не може да те однесе на врвот.

Еднакви.мк: Што би им кажале на младите жени кои сакаат менаџерски кариери, што според Вас е најважно за исполнување на таква цел?

Пенка Мукаетова: Имав можност низ годините да работам со многу жени и да учествувам во создавањето во многу успешни приказни. Полека, но сигурно женското претприемништво се повеќе доаѓа до израз. Жените  мора да веруваат во себе, да знаат што сакаат да работат, да се едуцираат постојано и да не се откажуваат уште на првата препрека. Баш потикната од повеќе годишната работа со жените, пишувам и Прирачник за претприемништво, кој ќе биде едно лесно четиво со сите насоки за започнување на сопствен бизнис, предизвици и стравови, пристапот до финансии, со кои се соочува секоја жена кај нас пред да започне сопствен бизнис. Треба да знаат дека никогаш не се сами, преку зачленување во здруженија, асоцијации и комори ќе можат континуирано да добиваат поддршка и размена на искуство и од други жени, кои веќе имаат и развиваат сопствени бизниси.

Еднакви.мк: 2020 година беше исклучително тешка година за сите нас. Како се соочивте со сите предизвици кои ги донесе секојдневието?

Пенка Мукаетова: Како носители на лидерската позиција на пазарот за консултантски услуги, Ковид 19 беше предизвик и за нас, брзо да се издигнеме над целата ситуација, и да се прилагодиме кон „новото нормално работење“. Сите наши капацитети ги ставивме во насока на подобрување на услугите кои ги нудиме како консултантска компанија.

Еднакви.мк: Кои се Вашите планови и очекувања за новата година?

Пенка Мукаетова: Постои голем интерес од страна на компаниите за инвестирање и развој, и за истите е потребна поголема поддршка и сигурност на подолг рок. Не знаеме до кога ќе трае пандемијата и какви сѐ мерки и рестрикции ќе се превземат понатаму. Потребна е поголема визија од страна на државниот апарат, и да се изнајдат начини за креирање на јасни политики кои ќе се движат како во насока на обезбедување сигурност и поддршка на нашите компании, преку субвенционирање и здрава даночна политика, така и на привлекувањето на странските инвеститори. Ова е ера на иновативно претприемништво и многу е нормално инвестициите во најголем дел да бидат во технолохија и дигитализација, како и комплетно реструктуирање на работењето. Да ги следат глобалните трендови, да ги искористат сите пристапни средства кои им стојат на располагање преку сите фондови и финансиски институции, да побараат поддршка од консултантски куќи и паметно да ги инвестираат своите пари.

Извор: http://ednakvi.mk/2021/01/26/%d0%9f%d0%b5%d0%bd%d0%ba%d0%b0-%d0%9c%d1%83%d0%ba%d0%b0%d0%b5%d1%82%d0%be%d0%b2%d0%b0-%d0%b3%d0%b5%d0%bd%d0%b5%d1%80%d0%b0%d0%bb%d0%bd%d0%b0-%d0%bc%d0%b5%d0%bd%d0%b0%d1%9f%d0%b5%d1%80%d0%ba%d0%b0/

Group 2

Адреса: ​„Филип Втори Македонски“ бр. 2-2/55, Скопје
Tел. број: 078 202 107 & 023 115 858
Е-адреса: office@cig.com.mk

Локација

2020 CIG - сите права се задржани. Дизајн - OCS

Scroll Up