CIG

САМО АКО СЕ „ЖИВЕЕ СО БИЗНИСОТ“ УСПЕХОТ Е ЗАГАРАНТИРАН!

ДОНА Бутик го заокружува со успех своето 14-годишно работење, кое е резултат на   истрајноста, доброто менаџирање и квалитетот.

Успешната бизнис приказна на ДОНА, започнува да се гради со голем ентузијазам, наследената љубов за модата,  јасна визија како да се чекори кон успехот и каков ќе биде бизнис концептот  во работењето.

Сместен во Градскиот трговски центар  во Скопје, тој е место каде може да се најдат префинети парчиња квалитетна женска конфекција, од класичен до елегантен стил, за сите генерации од млади девојки до возрасни дами кои преферираат  елеганциjа и истакнување на женската убавина, во одбрани парчиња облека.

„Љубовта за модата и текстилот е од мајка ми, мајка ми не е во оваа дејност, меѓутоа голем дел од животот, за неа шиела и секогаш била облечена во одлично комбинирани и елеганти парчиња облека, со склад на одбрани комбинации на бои, материјали.  Никогаш не замислував дека во животот ќе работам со мода, текстил и ќе имам дуќан. Имав желба да бидам преведувач,  тоа и сум, преведувач по италијански и англиски јазик. Паралелно, ги работев двете професии, до пред Короната, но поради зголемените семејни обврски, престанав со преводот. Ова го работам веќе 14 години,  почнав многу млада, на 24 години. Со скромни почетоци, но со постепен и сигурен развој, “ вели  Розица Кировска Станковска, сопственичката на Бутикот ДОНА.

Опстојувањето во македонски услови на водење бизнис, во трговијата со женска модерна облека, според сопственичката, воопшто не  е лесно.

Пресудно за успехот и постигнување долг стаж во работењето се должи и на довербата на купувачите.

„Започнав во изнајмен продажен објект. Со текот на годините и успешното работење, успеав да купам сопствен трговски моден центар, за која деловна одлука имав постојана консултантска поддршка, која многу ми помогна во реализирање на инвестициските планови. Развојот продолжи, за по 2-3 години да го проширам продажниот простор, со изнајмување на дополнителен  простор. Мојата палета на производи сега е на 100 метри квадратни, за да може да биде пријатно место за секоја дама, која доаѓа да одбере парче облека“, вели сопственичката.

Во работењето, се води особено грижа за изборот на моделите, квалитетот, модните трендови. На 10-тина  дена се дополнува понудата со нови модели и нова колекција. Богатата палета на модни парчиња, овозможува избор за клиенти, од најмладата генерација, од тинејџерски, до облека за дами, во зрели години, за секоја пригода. Модните комбинации се набавуваат од Италија, Грција и Турција, а има дел  и од македонско производство.

Она што е заштитен знак на ДОНА е докажан квалитет, постојани купувачи, веќе 14 години.

 

Опстојувањето на успешното работење, било ставено на тест во периодот на Корона, како еден нов предизвик за потврдување на квалитетното менаџирање и носењето вистински деловни одлуки и во исклучително сложени услови за водење бизнис.

„Најпресудните моменти за опстојување, од почетоците до денес е огромната желба да опстанам, да успеам, да бидам препознатлива и да го одржам  квалитетот. Значи, имаше и подеми и не толку многу падови. Короната ја пребродив „на нозе“. Среќна сум што успеав да го одржам бројот на вработени  и да вработам.

Да се подмират месечните трошоци и вработените да добиваат редовна плата, иако не работевме, а подоцна работевме онлајн.  Тоа можам да си го припишам како мој личен успех, кој го постигнав  и со поддршка од семејството. Покрај сите тешкотии,  дали ќе опстанеме дали ќе имаме помош, важна беше и поддршката од државата, иако не доволна, но даде поттик, ние похрабрите да се избориме за опстанок“, вели сопственичката.

Присуството на менаџерот, сопственикот,  е пресудно за успехот во бизнисот. Да се вложи максимално, да ги почитува вработените како свои, да нема хиерархиска поделба, туку пријателски  однос и разбирање. „Затоа што, вработените се нашиот основен двигател и капацитет и ресурс, затоа што, ако не се тие, ќе немаме и финансиски раст и промет и сето тоа, на долг рок, не може да опстане. Упорноста да се опстане , љубовта со која ја работам работата, тоа ми е пресудно. Јас и кога спијам мислам на дуќанот и ако не ми е средено, станувам  и доаѓам да наредам и по боја и по стил, едноставно „му давам душа“,  живеам со бизнисот. Мене, дуќанот ми е во моите 24 часа. Ова не е голем бизнис, ова е мал бизнис,но за мене е огромен, бидејќи 14 години, освен во семејството ми се посветени во него“, заклучува сопственичката на ДОНА.

Стратегијата во работењето е клучна за секој  менаџер. Тоа се покажало, уште еднаш, по враќањето на  нормалниот живот, можноста за посета на кафеани, деловни средби и ноќен живот, кој е поврзан со асортиманот на ДОНА.

„Работата се враќа на старите патеки. Ми беше драго што стари муштерии што сум ги имала ми се вратија и пак почнаа да доаѓаат, бидејќи со онлајн нарачките може да си фати и друг пат муштеријата, значи не нè заборавиле, што ми е драго.

Имаме и нови и се трудиме секогаш да бидеме интересни, да имаме нови модели и  колку е можно за денешно време, пристапни цени за сечиј џеб, да може да си дозволи и некој со средни примања и со повисоки примања“, вели сопственичката.

Вредностите во успешната бизнис приказна на ДОНА, се гледаат  и во определбата за градење  општествено одговорна компанија, за што говорат и низа акции, донации, низ годините. Донации на  матурантки или полуматурантки, кои биле од сиромашни семејства и не можеле да си купат  свечена облека.

Идните планови на ДОНА се амбициозни и развојни, од воведување линија со сопствен бренд ДОНА, за што се преговара со македонски фирми, кои треба да ја реализираат ваквата линија, до ширење  на продажната мрежа.

Да се чекори по патот на зацртаните цели во бизнисот е тешко, но кога постои силна желба да се одржи бизнисот, патот станува полесен и исполнет со успех.

Доколку со љубов работиш нешто, исто како да не си работел ниту еден ден во животот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *